Почина еден од најголемите европски тренери Душан Дуда Ивковиќ

Свет

Великанот на југословенската, српската и европската кошарка, Душан Дуда Ивковиќ, почина утрово на 78 -годишна возраст, пренесуваат српските медиуми.

Веста ја потврди првиот човек на Раднички.

– Во шест часот и 50 минути, Душан почина во болница во Белград како резултат на вода во неговите бели дробови и херпес, рече Горан Калиниќ кратко за Спорт клуб.

Душан Ивковиќ е поранешен југословенски кошаркар и српски кошаркарски тренер, тој е еден од најуспешните европски и светски тренери на сите времиња.

Од 2008 до 2013 година, беше селектор на српската репрезентација, а до крајот на животот беше претседател на Спортското друштво Раднички.

Ивковиќ е најуспешниот селектор на кошаркарската репрезентација на Југославија на Европските првенства. Тој ја предводеше репрезентацијата на три континентални шампионати и освои златен медал на сите три (Загреб 1989, Рим 1991 и Атина 1995). На тие три шампионати, репрезентацијата одигра 19 натпревари и победи на сите 19.

Во јануари 2008 година, беше избран за селектор на српската кошаркарска репрезентација во следните четири години. На Европското првенство во Полска 2009 година, репрезентацијата на Србија, под водство на Ивковиќ, освои сребрен медал, а на Светското првенство во 2010 година, го освои четвртото место.

На почетокот на јули 2016 година, тој објави дека ја завршува својата тренерска кариера, а на 20 септември 2017 година во Атина имаше ревијален проштален натпревар против Олимпијакос.

Како кошаркар играше на позицијата бек, а како тренер ги водеше Партизан, Арис, Раднички Белград, Шибеник, Војводина, ПАОК, Панионис, Олимпијакос, АЕК, ЦСКА, Динамо Москва и Анадолу Ефес.

Со националниот тим освои три европски златни и едно сребро, едно светско злато, сребро на Олимписките игри и злато на Универзијада. На клупско ниво, ја освои Евролигата (двапати), Купот Радивоје Корач, Купот Рајмонд Сапорта, Купот УЛЕБ, беше шампион на Југославија, Грција и Русија со своите клубови, а го освои Купот и Суперкупот во истите земји.

Please follow and like us:
Tagged