ИНТЕРВЈУ: Крсте Пурцов го презема КИЦ “Култура 365” и продолжува по стапките на својот вујко, со нов изглед и нови содржини

Охрид

Ликот и делото на познатиот културен работник, публицист и туристички работник, Мишо Јузмески, и се она што тој направи за Охрид на полето на културата и туризмот ќе продолжи да живее и понатаму.

Најзаслужен за тоа е неговиот внук Крсте Пурцов, кој го презема работењето на КИЦ “Култура 365”, а во интервјуто за ОХРИД 24 открива и кои ќе бидат новините во работењето на ова веќе култно место во градот под Самоиловите тврдини.

ОХРИД 24: Културно информативниот центар „Култура 365“ е место кое е добро познато на луѓе од целиот свет, како и на некои од домашните гости кои го посетуваат нашиот град. Тука десет години навраќаат љубители на уметноста и културни дејци од Македонија и светот. Ти како млад човек кој го превзеде ова место од твојот покоен вујко, познатиот писател и фотограф Мишо Јузмески, покрај досегашната активност и работа во центарот, имаш во план воведување и некои новини во работата. Кои ќе бидат тие да откриеме за читателите на ОХРИД 24? 

ПУРЦОВ: Апсолутно. Ова е проект на кој се работи веќе подолго време и ми чест што работите се движат во позитивна насока и покрај основните дејности на центарот планираме да имплементираме низа активности кои ќе им бидат достапни на домашните и странските туристи како и туристички информативен центар каде што основна цел е да се подигне свеста за развој на туризмот како и зачувување на животната средина и културните вредности. Културно информативниот центар “Култура365” е единствен од својот вид во нашата држава и ми е особена чест што имам прилика да допринесам за неговиот напредок. Исто така центарот ке продолжи со организирање промоции, изложби како и манифестации од културно – информативна дејност.

ОХРИД 24: Во таа насока се планира и соработка со музејот на А. Ден Долард во Холандија, но и со останати личности и институции. Кажете ни нешто повеќе околу тоа?

ПУРЦОВ: Точно така. Особено сум горд што и покрај ситуацијата со пандемијата одлучивме да продолжиме напред кон нови предизвици, нов концепт и нова идеја за ликот на ова место. Неодамна започнавме соработка со музејот на А. Ден Долард во Холандија и наидовме на низа позитивни критики од холандската популација за соработката и мислам дека ова е само почеток на едно прекрасно пријателство помеѓу овие две земји. Исто така сум импресиониран од тоа колку медиуми во Холандија прво изразија сочуство за делото на мојот вујко и исто така  и поддршка низ различни статии и интервјуа изминатиот период.
Исто така сакам да напоменам за соработката со Карин Броекема професорка по холандски јазик од Остербек како и и Риц Молема  холандски писател и преведувач кој е моментално во Малта. Би сакал и да изразам благодарност до познатиот физичар и професор од Германија кој баш неодамна беше во посета во Култура365 господинот Екард Мендел кој долги години го промовира Охрид како дестинација и делата на познатите охридски дејци Мишо Јузмески и Атанас Талевски. Исто така не смеам да го заборавам Гоце Дуртаноски македонско – холандски калиграф и професор кој работи во Германија и Холандија кој што од самиот старт ја поддржа иницијативата за центарот да продолжи со работа.
Не би сакал предвремено да откривам информации за сите новитети кои ќе ги имаме да оставиме делата да зборуваат за себе.
И секако огромна благодарност до сите роднини, пријатели, познаници, досегашни и идни соработници за поддршката што ја даваат и позитивните импресии од досегашната работа.

ОХРИД 24: Како што спомнавме на почетокот, за овој центар неизбежно е да не се спомне името на основачот Мишо Јузмески, човекот кој даде значаен придонес за развојот на охридскиот туризам, кој е еден од најзаслужните за промоцијата на Охрид пред холандските туристи, првенствено, но и за туристите од целиот свет. А, исто така и човек кој важеше за најголем познавач на ликот и делото на А. Ден Долард. Дали во новиот формат на центарот ќе му биде оддадена почест на Јузмески и ќе се најде место за неговите дела?

ПУРЦОВ: Не ни мислам искрено дека би можело да биде поинаку. Мојот вујко е најзаслужен што центарот како и делото на А. Ден Долард во Охрид се познати низ целиот свет, не само во Холандија.
Јас како и досега ќе продолжам со промоција на неговите книги, фотографии како и дела поврзани со неговиот живот и неговиот придонес за развој и промоција на туризмот и градот Охрид.
Исто така во културно-информативниот центар ќе има посебен дел односно спомен соба за  неговиот живот и дело во знак на благодарност и зачувување на трагот кој тој го остави зад себе.
Јас ја продолжувам неговата работа на свој единствен начин бидејќи не би сакал, а не ни можам да се споредувам со него. Меѓутоа можам да се потрудам тоа што тој го изградил низ годините и искуството што го споделил со мене да ги искористам и центарот да добие еден нов лик и тој да се гордее со тоа што го започнал и ова култно место да продолжи да живее понатаму.

Please follow and like us: