Хаос на градските гробишта во Охрид, откопан погрешен гроб

Охрид

На градските гробишта во Охрид денеска се случувала вистинска драма. Имено по налог на јавното претпријатие бил откопан погрешен гроб.

Според нашите информации, добиени од очевидци на местото на настанот, проблемот настанал кога фамилијата која денеска требало да го закопа покојното лице, стигнала до гробното место и видела дека е откопан погрешен гроб.

ОХРИД 24 ја исконтактира фамилијата и тие ни потврдија дека имало таков настан.

-Проблемот настана поради тоа што станува збор за исти презимиња, грешка во системот и беше откопан соседниот гроб. Почекавме петнаесетина минути, но работата се среди, велат од фамилијата на покојното лице.

Од погребалниот оператор кој го вршел откопот на гробното место велат дека грешката е во јавното претпријатие.

-Нам тоа место да го копаме ни беше посочено од страна на јавното претпријатие, ние и не смееме да копаме без да ни се даде дозвола од надлежните во претпријатието. Значи грешката е од нивна страна, посочуваат од погребалниот оператор.

Побаравме став и од директорот на ЈП Градски гробишта, Ванчо Костоски, кој е и актуелен кандидат за член на Советот на општина Охрид од коалицијата “Најдоброто за нашата општина”, предводена од СДСМ.

На СМС пораката која му ја испративме и во која побаравме одговор на прашањето, дали денеска на градските гробишта бил откопан гроб без согласност на старателите, дали имало викање и негодување од страна на фамилијата и дали чекале уште еден час за да се откопа вистинскиот гроб, тој ни одговори дека користи годишен одмор и дека утре ќе провери за што станува збор.

Од фамилијата на покојното лице и од погребалниот оператор негираат, но според нашите информации на местото на настанот имало викање и негодување од страна на фамилијата.

Според добро упатени лица во оваа работа, гробно место во кое има посмртни останки не смее да се откопа без дозвола од старателите на местото, односно лицата кои плаќаат за тоа место.

Инаку дознаваме и дека ова не е прв ваков случај на актуелното раководство на јавното претпријатие, односно и претходно имало случаи на погрешно откопан гроб.

_________________________________________


Please follow and like us:
Tagged