(ВИДЕО) 12 деца и 34 возрасни загинаа во сообраќајката на македонски автобус во Бугарија

Македонија

Според првичните информации, загинале најмалку 46 патници во автобус кој сообраќал кон Скопје, пишува Лидер.

Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија.

„Автобусот во Бугарија влегол од Турција. Жртвите се државјани на Македонија. Меѓу нив има и 12 деца“, изјави за БТВ директорот на Генералниот директорат на Националната полиција Станимир Станев. Едната верзија е дека автобусот удрил во заштитната ограда. Не може со сигурност да се каже дали автобусот прво излетал, а потоа се запалил или најпрво се запалил па излетал, додава БТА.

„Веројатно се работи за техничка неисправност, пред тоа има дупната гума“, изјави за БТВ Николај Николов, началник на Генералната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението при МВР. Според него, можно е пожарот да избувнал пред да се преврти автобусот. Во несреќата не беа инволвирани други автомобили. Сообраќајот на автопатот е запрен во двата правци. Седум лица биле спасени и пренесени во Итната болница Пирогов во Софија. Станува збор за 17-годишно девојче и шест возрасни лица. Нема опасност по нивните животи.

Автобусот скинал околу 50 метри од заштитната ограда, изјави градоначалникот на Перник Станислав Владимиров пред новинарите во близина на местото на несреќата, во која загинаа 46 лица.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Владимиров, делницата е влажна. Причините за несреќата можат да бидат многу.

Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу, рече Владимиров.

Според градоначалникот на Перник, на овој дел од патот често се случуваат несреќи. Оваа рута е една од најтешките во Бугарија, има огромна денивелација, и голема концентрација на сообраќај.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за бугарски медиуми истакна дека над 40 лица се загинати во страшната несреќа што се случи во Бугарија.

Според тоа што го знам, туристичката агенција е од Скопје, и сметам дека повеќето граѓани се од Скопје, вели Османи.

На новинарско прашање околу тоа дали знаат на која возраст се жртвите, Османи вели дека од непотврдени информации над 10 се деца, додека пак и другите лица биле млади парови кои го искористиле продолжениот викенд.

Please follow and like us:
Tagged