Заради реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“ се отстранува стариот дрворед кој има предизвикано неколку незгоди

Охрид

Деновиве започнаа работни активности за реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“ согласно правосилно решение издадено од страна на Министерството за транспорт и врски бр.28 УП-208/2020 Е од 10.11.2020г.

Со реконструкцијата на улицата ќе биде отстранет стариот дрворед од липи и костени. За таа цел согласно  член 34 од Законот за урбано зеленило од страна на Градоначалникот  донесено е решение УП бр. 21-824 од 22.11.2021г. за отстранување на 49 липи и 13 костени кои се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрва нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрва кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба. Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј „Македонија“ до пресекот со ул. „Даме Груев“  и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на бул. „Македонски Просветители“.

На гореспоменатиот потег се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација.

По завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници, велат од Општина Охрид.

Дека станува збор за стари и заболени дрва говори и фактот дека во минатото на овој дел се имаат случено неколку незгоди.

Последниот незгода се случи пред две години кога кај судот падна дрво и беа оштетени два автомобили и беше причинета поголема материјална штета.

Според пишувањето на дел од медиумите дрвото било труло и со оштетен корен.

Please follow and like us: