Оставки на Спасовски и Бочварски и вонредна контрола на сите автобуси и технички прегледи во државата, бара ВМРО-ДПМНЕ

Македонија

Сосема свесно цели три дена, додека траеjа прогласените денови на жалост, не излегувавме со оценки во јавноста, со цел истите да не бидат сфатени како внесување на политика во целиот овој процес. Ние ќе продолжиме така и да се однесуваме, но воедно нема да премолчиме за очигледните пропусти, недоречености и барањето на одговорност за страшната несреќа, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков кој најпрво изрази сочувство за трагичната несреќа.

Вистината е дека трагичната несреќа меѓу другото е последица и на немањето на функционален систем за превенција на вакви несреќи, корумпираноста на истиот и злоупотребите кои се прават со знаење на челните луѓе на одговорните министерства.

Доколку не се извлечат поуки од една страшна несреќа, како што беше на пример несреќата во Ласкарци, каде 16 луѓе ги загубија животот, се случува уште една друга несреќа како што е горењето на модуларната болница во Тетово каде животот го загубија 14 други наши сограѓани. Немањето на функционален систем не доведе до уште една трагична несреќа во Бугарија со 45 нови жртви. Доста се губат животи поради неспособноста и корумпираноста на власта. Овие три дена сме сведоци на префрлањето на одговорност од МВР на Инспекторатот за транспорт воден од Руфат Хусеини кој доаѓа од Зајас, па тој Инспекторат до Царината, за да на крај одговорноста спадне на некаков службеник од царината што значи дека и овој пат одговорност нема да има. Автобусот не бил регистриран во регистарот за возила за превоз што отвора сомнеж за минувањето на граница, рече Лефков.

Посочи дека секоја несреќа или криминал во државава, Владата дозволува да заврши со одговорност на некој службеник.

Затоа денес предлагаме владата и институциите да превземат вонредни мерки. Чекањето нема да ги реши проблемите, ниту префрлањето на одговорност на институциите.

Затоа предлагаме.

1. Вонреден технички преглед на сите патнички автобуси и средства за јавен траспорт на патници на трошок на државата. Да се провери во какви услови се превезуваат луѓето.

2. Вонредна контрола на станиците за технички преглед, во поглед на условите и начинот на работа.

3. Истрага за тоа како поминал автобусот на граница без да е впишан во регистарот на автобуси. Неприфатливо е префрлањето на одговорност царина—полиција-инспекторат.

4. Јавно објавување на регистарот на автобуси и негов најнов апдејт.

5. Во иднина сите автобуси постари од 8 години наместо 2 задолжителни технички прегледи годишно да имаат најмалку 3, а автобусите постари од 12 години да имаат 4.

И на крај, преседаните пишуваа правила во нашата држава. Каде е моралната одговорност на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Зошто овие луѓе барем не понудија оставка поради морални причини. Очигледно не е само Филипче е со образ ѓон, туку цела влада е таква. Најмалку нешто што може да го направат е оставки на Спасовски и Бочварски од морални причини, нагласи Лефков.

Please follow and like us:
Tagged