Денес се празнува Св. Игнатиј Богоносец

Охрид

Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец.

Кога бил дете, Исус го кренал (го зел во прегратка) и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец.

Празникот Св. мч. Игнатиј Богоносец во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, итн. се нарекува и „Прв Божик“ зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот Рождество Христово ‒ БОЖИК. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божик 2 јануари /20 декември и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници.

Интересни обичаи поврзани со овој ден се забележани во Охрид. Кузман Шапкарев запишал дека на Игнатов ден и вечерта спроти Бадник и на Нејатка спроти Водици во Охрид правеле посни питулици од тенка каша печени во специјални питулчарници и после попарени со ореова вода (врела вода со толчени ореви). Со дел од кашата правеле крстови на оџаците, горните прагови на куќните врати, амбарите, бочвите и др.

И Е. Спространов забележал дека во Охрид правеле „питулици на черепна“ и велеле дека тоа се „постулиците на Ристоса“.
Спространов запишал предание според кое „На Игнет некоја Бојка от Бојковци си перела. Је рекле: Ами денеска је Игнет, зошчо периш? Таја рекла: Ами, Игнет пригнет! Веднуш се извил сокаот за дирегот и ќе ја удаел. Таа го фрлила грнецот со вода, како го држела, го отпушчила поврзлото и фатила да и викат жените, за да видет чудото“.

Во народното верување на овој ден започнале родилните болки на Пресвета Богородица. Како што се пее во народните песни: „Се замачи Божја мајка, од Игната до Божика“.

Именден празнуваат: Игнат, Иго, Игнатка…

Дел од моштите на овој светец се чуваат во црквата Света Троица во Охрид.

Please follow and like us:
Tagged