Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати честитка до сите христијани кои големиот верски празник Божик го слават по Јулијански календар.
Во честитката се вели:
“Драги христијани со православна вероисповед и почитувано свештенство на Mакедонската Православна Црква, Ви го честитам најголемиот и најрадосниот празник Божик со кој го славиме раѓањето на нашиот Бог.
Во добро здравје со чиста мисла и ведар дух започнете го празнувањето со кое се величаат духовните и морални вредности кои ги поврзуваат луѓето, а нашите срца се отвораат за добри дела. Минете ги овие денови онака како што налага традицијата, мирно и радосно во кругот на семејството со најмилите. Сакајте се и не правете лошо зошто со своите постапки ќе ги потврдите најголемите вредности на Божик- надеж, вера и победа на доброто.
Сите ние во духот на божикните празнувања треба да ги прифатиме различностите во мислењето како придонес во барањето решение, а не како проблем. Зошто Божик е празник кој упатува на толеранција меѓу луѓето.
Овој празник нека ни даде снага мирно и достоинствено да ги победиме сите искушенија и зла. Бог нека ни подари верба заеднички да создадеме услови за подобар и посреќен живот за нас и нашите деца. Да создадеме град во кој сите луѓе со добра волја ќе живеат во мир и благосостојба.
Уште еднаш на сите православни христијани им го честитам големиот верски празник Божик. Христос се роди! – Вистина се роди!”