(ФОТО) Започна Вевчанскиот карневал

Регион

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги прикажат настаните од изминатата година, официјално почна годинашниот Вевчански карневал.

Градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на карневалското дефиле, рече дека маските ги прикажуваат работите што не требало да се прават во текот на целата година и на нив не треба да се гледа суетно.

– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Меѓу многубројните гости беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој очекува да преовлада весел дух во сите карневалски денови.

-Да им посакам на вевчанци успешен карневал и успешни карневалски денови, се разбира, порача Мицкоски.

Вечерва ќе настапат локалниот уметник Перо Бели, а со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, вевчанци ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Карневалот завршува утре, 14-ти јануари, со традиционалното палење на маските.

Please follow and like us:
Tagged