Градоначалникот Кирил Пецаков дел од меѓународната конференција  „Охрид- Водици 2022“

Охрид

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше дел од Меѓународната конференција  „Охрид- Водици 2022 –  Глобални трендови и предизвици“ што по 10-ти пат се одржува во очи големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Пецаков истакна:

“Огромна е честа да се биде дел од овој научен собир кој десетти пат се организира  во очи големиот празник Богојавление – Водици во Охрид. Јас верувам дека нема  Македонец чие внимание не би било одвлечено од годинешната тема на која ќе се дискутира на оваа дводневна меѓународна конференција, а тоа е:  „Глобалните трендови и закани поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и оддржливиот локален/регионален развој. Нема држава без идентитет. За него не смее и не може да се преговара со никого. Идентитетот е сржта, генетскиот код на нашето постоење и опстојување. Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар кој ја промовира Република Македонија како земја која доследно се грижи за своето минато, сегашност и иднина. Вредното културно наследство кое го поседува Охрид, го сочувале генерациите пред нас, а тоа доследно треба да го правиме и ние. Охрид е ризница на бројни артефакти кои датираат пред новата ера. Секогаш е потребна поголема и поагресивна промоција на целокупната охридска археолошка слика, на сите културни добра со цел Светот јасно да го види цивилизацискиот континуитет на Македонија. Материјалните и духовни блага се дел на нашата култура која е нашиот белег, а минатото е содржано во нашата историја што значи дека таа е неменлива во секоја смисла на зборот. Затоа треба да го вреднуваме она што го имаме, за и другите да не почитуваат нас, нашето минато и сегашност, нашето постоење. Упатувам благодарност до организаторите на овој Собир, со желба наредната година да се состанеме во добро здравје со надмината здравствена криза поради пандемијата од КОВИД  19”.

 Тема на годинешното случување е  „Глобалните трендови и предизвици поврзани со идентитетите, културното наследство, животната средина, креативните заедници, туризмот и одржливиот локален/регионален развој“. На конференцијата ќе бидат презентирани 42 труда, од 71 учесник и 11 земји.

Организатор на настанот е Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција, списанието Руски политички науки од Москва, Русија, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, Флорида, САД. Конференцијата завршува на 19 јануари.

Please follow and like us:
Tagged