Денес се празнуваат Свети Три Светители, три столбови на христијанската црква

Охрид

Христијанската црква на овој ден заедно го празнува споменот на св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Јован Златоуст, иако тие си имаат и посебни празници. Овој празник е востановен во 1084 година во Цариград. Епископот Јован го одбрал овој ден бидејќи тројцата светители имаат празници во јануари: Василиј Велики на 1 јануари, Григорије Богослов на 25 јануари и Јован Златоуст на 27 јануари (сите според стариот календар по кој тогаш се сметало времето). А причината за востановување на овој заеднички празник е следнава: Во втората половина на XI век за време на царот Алексеј I Комнен во Цариград настанал спор меѓу населението кој од тројцата светители е позначаен. Народот се поделил на Василевци, Григоровци или Јовановци. Тогаш тројцата светители, најпрвин секој одделно, а потоа и заедно му се јавиле на епископот Јован, епископ Евхаитски и тоа не на сон туку на јаве и му рекле:

„Ние сме еднакви пред Бога, како што гледаш, меѓу нас нема поделби ниту какви било меѓусебни спротивности. Секој од нас одделно во свое време, поттикнат од божествениот Дух, напишавме соодветни поуки за спасение на луѓето. Тоа што го научивме тајно, на луѓето им го предадовме јавно. Меѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Ако ти се повикаш на едниот со тоа се согласни и другите двајца. Затоа заповедај им на оние што се расправаат поради нас, да ги прекинат кавгите, зашто како и во животот така и по смртта ние се грижиме за тоа краевите на вселената да ги сведеме кон мир и согласност. Имајќи го ова предвид, соедини го во еден ден нашиот спомен и како што ти прилега состави ни празнична служба и дај ја на другите, за да имаме еднакво достоинство пред Бога. И ние, на тие што го почитуваат нашиот спомен ќе им бидеме помошници при спасението, зашто се надеваме дека имаме некоја заслуга кај Бога“. Кажувајќи му го тоа на епископот тие почнале да се креваат кон небото, светејќи со неискажана светлост и повикувајќи се еден со друг по име.

Епископот Јован веднаш го собрал народот, им раскажал за средбата со тројцата светци, го востановил празникот и наредил да се празнува свечено, притоа напишал и пофално слово за овој празник.

Please follow and like us:
Tagged