Денес се празнува Тодорова сабота – ова се обичаите и верувањата

Охрид

Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост. Именден празнуваат: Тодор, Тодорка…

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на 1 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова Сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по заминувањето на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните. Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но, тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува празникот Тодорова сабота во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа на една недела по Прочка, поточно првата сабота по овој празник што значи дека тој е на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а Кузман Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје”. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” итн.

Интересен обичај во Дебрца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат”.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”.

На овој ден се вари пченица во која се додава малку мед и оние кои постат јадат од тоа.

Please follow and like us:
Tagged