Денес се празнува Св. 40 маченици во Севастија – Младенци

Охрид

Младенци е еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус каде што се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера. Младенци ги слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година.

Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) споменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици. И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн.

На овој празник се изведувале и обичаи со кои се прогнозирало колку ќе биде родна годината. Утрото веднаш по станувањето се земала првата гранка до која ќе се потпрел човекот, таа се горела и пепелта од неа се сеела. Потоа се гледале покрупните остатоци во ситото. Ако личеле на пченица таа година повеќе ќе родела пченицата, ако личеле на пченка, просо или нешто друго значело дека овие земјоделски култури ќе родат повеќе.

Обичај е младите кои се венчале годината пред Младенци, на овој ден да одат во црква и да ги запалат свеќите од венчавката за да се догорат.

Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.

Денес многу од овие обичаи се заборавени и празникот е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак.

Please follow and like us:
Tagged