Денес се празнува Цветници

Охрид

Православните христијани денеска го слават празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица.

Цветници е денот кога Исус Христос заедно со своите ученици влегол во Ерусалим. Тогаш народот го дочекал Исус со цвеќе, а овој настан традиционално секоја година се прославува една недела пред Велигден.

Според тогашните закони, учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот, и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа, одврзете ги и доведете ми ги. А, ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Обичај е во некои краишта спроти празникот жените да одат на ливада да наберат цвеќе, па да го стават во вода да преноќи, а наутро домашните се мијат со оваа вода.

Требало да се побрза бидејќи преданието говори дека оној кој прв ќе набере цвет, една желба ќе му се исполни. Се верува дека е добро да се стави врбово гранче за брз напредок, некаде ставаат дрен за здравје, а девојките ставаат и темјанушки.

Please follow and like us:
Tagged