107 години од убиството на Јане Сандански – Пиринскиот цар

Охрид

Пред 107 години, на 22 април 1915 година, Јане Сандански беше убиен во заседа на патот од Мелник кон Неврокоп, денешен Гоце Делчев. 

Бил нападнат од 7-8 души кои биле вооружени со пушки и најверојатно биле од неврокопската чета на ВМРО, еден од нив го заобиколил и го застрелал во грб. Се претпоставува дека нападот бил организиран од Стојан Филипов, а како физички убиец бил посочен Андон Качарков. Судот сепак ги оправдал поради недостиг на докази. Трупот на Јане бил пронајден од карванџии.

На околу 200 м источно од Роженскиот манастир е црквата Св. Кирил и Методиј, изградена во 1914 година од страна на Јане Сандански. Таму се наоѓа и неговиот гроб. 

На надгробната мермерна плоча се читаат неговите зборови: „Да живееш, значи да се бориш, робот – за слобода, а слободниот – за совршенство”.

Јане Сандански е истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на ТМОРО – ВМРО. Од 1895 до 1897 година учествувал во четничкото  движење организирано од ВМК, а од 1899 година преминал во ТМОРО. Ги поминал сите развојни фази од обичен борец, преку главен војвода, до командант на оперативен штаб. Бил еден од главните организатори на пленувањето на мис Елен Стон. Се противел на решенијата на Солунскиот конгрес за кревање востание во 1903 година, но по започнувањето на востанието го извел Крстовденското востание во серскиот револуционерен округ. Бил поистакнат преставник на Серската група и Реформската струја, и е еден од оснивачите на Народната федеративна партија. Со своите чети учествувал во Младотурската револуција и во Балканските војни. Животот го завршил обидувајќи се да ја спречи Бугарија во вклучувањето во Првата светска војна бидејќи тоа би значело нова катастрофа за Македонија. Во текот на неговата бурна воена и политичка дејност, се застапувал за ослободување на цела Македонија, за сочувување на територијален интегритет и создавање самостојна македонска држава.

Јане Сандански е роден на 18 мај 1872 година во селото Влахи, Пиринска Македонија. 

Please follow and like us:
Tagged