Денес се празнува Преполовение на Педесетница (Руса среда), ова се обичаите и верувањата

Охрид

Меѓу подвижните празници и во црковниот и во народниот календар значајно место има празникот Преполовение, меѓу народот познат како Руса Среда. Овој празник зависи од Велигден бидејќи се паѓа на средината меѓу Велигден и Духовден, и секогаш е во среда. Затоа освен Руса Среда се вика и Преполовение што значи половина од Педесетницата, односно половина до Духовден.

Меѓу нашиот народ празникот Преполовение важи за народен празник и е проследен со многу обичаи и верувања. Како да е подзаборавена црковната димензија, односно фактот дека се работи за голем Господов празник, кој води потекло уште од Стариот завет.

Имено, важноста на празникот се состои во тоа што на овој ден се празнува Христос како премудрост Божја. За тоа зборува и фактот што големите катедрални хреамови што го носат името Света Софија (на пр. во Охрид, Константинопол и др.) не се посветени на некоја светица со име Софија туку на Премудроста Божја, а тоа е Исус Христос. „Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполовение“.

Бидејќи се работи за пролетен празник во народното верување е поврзан со зеленилото. Во Дебрца (Охридско) не се работи и не се јаде зелено.

Ефтим Спространов во своите описи на обичаите од Охрид забележал дека во Охрид на „Русʼлна стреда“ како што ја вика тој, не јаделе зелено (зарзават, овоштија и др.), а во Битола ја празнувале жените за да не страдаат при раѓањето. Спространов вели дека „кај нас никаков спомен не е зачуван за русалки или русалии“. „Русална стреда се вика стредата на неделата што се паѓа токму на половина меѓу Велигден и Духовден“, вели Спространов.

Во врска со овој ден К. Шапкарев запишал дека „болните од некоја немоќ, особено од хронична, одат по разни лековити води и се мијат (се посипуваат) за здравје.“

И повеќе свети води се поврзани со празникот Руса Среда. Најчесто се среќаваат под името Света Руса.

Како и да е овој ден има големо значење во животот на нашиот човек. Црквата го празнува со црковни служби како црковен празник, а пак народот со свои обичаи и верувања го издигнува на ниво на народен празник. 

Please follow and like us:
Tagged