Убедливо расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат четири анкети спроведени од релевантни истражувачки агенции

Македонија

Убедливо расте рејтингот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат изминатите четири анкети спроведени од релевантни истражувачки агенции.

Првата анкета на Американскиот институт ИРИ објавена на почетокот на месец март прогнозира убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори. Анкетирани се 1226 испитаници преку интервјуа лице во лице, во период од 27 ноември до 23 декември минатата година, а според резултатите ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 20 проценти од граѓаните, додека владејачката има 17 проценти поддршка.

Од албанскиот блок ДУИ има доверба од 7 проценти, Алијанса на Албанците и БЕСА на Билал Касами по 4 проценти.

Убедлива предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ покажува и анкетата на Агенцијата ИПСОС објавена на петти април, а направена за потребите на партијата, на примерот од 1007 испитаници спроведена теренски од 2 до 6 март.

Според податоците од истражувањето, доколку утре се одржат парламентарни избори дури 18,2 проценти од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека 9,5 проценти за СДСМ.

Во однос на прашањето на кого од политичарите најмногу му верувате граѓаните најголема доверба има токму опозицискиот лидер Христијан Мицкоски со 9 проценти, а веднаш по него е шефот на државата Стево Пендаровски со 6 отсто, додека премиерот на владата на СДСМ Димитар Ковачевски има доверба само од 4 проценти.

Според анкетата претседателот на Левица, Димитар Апасиев, има само еден процент помалку од Ковачевски 3 отсто доверба, исто колку што има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, додека пак лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села и поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, според оваа анкета се последни со 2 отсто доверба.

И анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје ја потврдува убедливата поддршка и доверба на граѓаните за претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Имено, според анкетата објавена на почетокот на месец мај годинава, а спроведена на 1111 полнолетни граѓани во телефонско истражување во период од 4 до 6 мај, стои дека 21,2 проценти од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори. Веднаш по неа е СДСМ со 16,2 проценти, за ниту една партија нема да гласаат 17,3 отсто од испитаниците, а „не знам“ одговориле 12,8 проценти.

Последна анкета објавена на почетокот на јуни направена од Агенцијата М Проспект за потребите на Меѓународниот центар за меѓународна соработка спроведена телефонски на 1005 испитаници во период од 3 до 13 мај јасно ја потврдува релевантноста на изминатите три анкети од ИРИ, ИПИС и ИПСОС.

Имено на анкетата на МЦМС дури 20,7 проценти од испитаниците одговориле дека ќе дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ доколку утре се одржат избори, а СДСМ само 14,6 проценти. ДУИ има поддршка од 7,8%, Алијанса 2,9% а БЕСА 2,3%. Поддршката на Левица е 5,2%.

Најголем дел од испитаниците или 28,9 проценти од граѓаните владата ја оцениле со 2. Средната оценка која граѓаните и ја дале на владата е 2,44. Тројка добила од 26% а единица од 25,6%.

Дури 65,1 процент од испитаниците одговориле дека Владата не ги исполнила очекувањата во првите 100 дена, а само 33 проценти велат дека ги исполнила очекувањата. Но, оваа анкета покажува дека голем процент од 63,7 проценти немаат доверба во владата, додека само 34,2 имаат доверба. Повеќе од половина граѓани сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека 16,8% велат дека насоката е правилна.

36,3 проценти од испитаниците сметаат дека предвремените парламентарни избори се најдобриот пат за Македонија, 30,4 проценти се на став дека е потребна целосна мобилизација за надминување на проблемите, додека само 23,3 проценти се на став дека сегашната влада има капацитет да продолжи успешно да се справи со кризата.

Воедно, овие резултатите од четири анкети од реномирани истражувачки агенции го покажуваат огромното незадоволство и револт на граѓаните кон владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, но исто така потврдуваат дека предводник на промените е токму ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски, кој покажува решителност во целта за обезбедување на подобра иднина и поквалитетен живот за сите граѓани.

Имено, за денеска опозицијата има најавено голем протест насловен Протест за промени – Премногу е! На кој како што соопштија од партијата предвидено е да има отворено студио на кое збор ќе земат високи партиски функционери, а Централниот настан почнува во 20:00 часот на кој свое обраќање ќе има и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Како што веќе се најавува на протестот се очекува да има над 80.000 граѓани кои се незадоволни од власта и бараат промени и излегување од кризите и сиромаштијата со која се соочуваат изминатите пет години како резултат на неспособноста на владата на СДСМ.

извор: Република

Please follow and like us:
Tagged