ГРК Охрид со големи амбиции влегува во новата сезона, се најавува битка за излез во Европа

Охрид Спорт

Новото раководство на ГРК Охрид денеска на прес-конференција ги обелодени амбициите и плановите за следната натпреварувачка сезона во машката ракометна Супер лига.

Спортскиот директор на клубот, Славчо Ристески, изјави дека очекуваат подобар пласман од претходната сезона.

-Најбитно е да бидеме поддржувани во полна сала од нашата навивачка група “Рибари”, од охриѓани, за да успееме да избориме пласман во Европа, а зошто да не во салата “Билјанини Извори” да паднат и Вардар и Еурофарм Пелистер, истакна Ристески.

Тој се заблагодари на општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков за големата поддршка во овој проект и патот кон поголеми успеси.

Старо-новиот тренер на ГРК Охрид, Горан Андоновски, рече дека пред нив е една тешка и турбулентна сезона, и дека треба да се оди чекор по чекор. Тој вети дека ќе даде се од себе за да клубот оствари подобри резултати од претходните сезони.

-Ние имаме една млада екипа, таква каква што сакав. Преферирам да играме еден брз ракомет, ветувам дека ќе даваме повеќе голови од претходно, а и ќе примаме помалку. Сите играчи со кои потпишавме играат во два правци што е многу битно во денешниот модерен ракомет. Иако пред нас е тешка задача да го воиграме тимот, сепак ќе дадеме се од себе, бидејќи имам огромна желба повторно да играме пред полна сала, истакна Андоновски.

Според него резултатите треба да дојдат со напорна работа, бидејќи екипата, која е речиси комплетно нова, треба да се воигра. Сепак тој се надева дека ќе бидат успешни, дека ќе прикажат поквалитетни игри и дека ќе играат побрз ракомет.

-Полека да ја создаваме атмосферата, да ја наполниме салата и резултатите ќе дојдат сами по себе. Да не правиме притисок ни врз мене, ни врз играчите, да работиме ида видиме како ќе биде на теренот, додаде Андоновски.

Помошник тренерот, Наум Бабачев, вели дека направиле тим за респект и порача дека клубот мора да се врати со една добра игра и борбеност пред верните навивачи и пред граѓаните на Охрид.

-Тимот за следната сезона е направен за подолги патеки. Сакаме да оствариме добар успех, ако ни се даде шанса да излеземе во некои од европските купови, зошто да не изненадиме некои од големите екипи. Гледам голема надеж и мотивираност кај сите, и кај стручниот штаб и кај управата и мислам дека ќе имаме успех, посочи Бабачев.

Екипата подготовките ги започнува на 3 август, до 11 август ќе се тренира во Охрид кога подготовките продолжуваат во Маврово, а после тоа ќе следуваат и неколку подготвителни натпревари.

Во преодниот рок клубот се засили со Тоше Ончев, Виктор Василевски, Хазаин Рустемов, Даниел Андоновски, Стефан Бошкоски, Зураб Цинцадзе, Владимир Бојаниќ, Никола Грубиќ, Балша Цејовиќ и Владо Кастратовиќ. Во тимот останаа капитенот Крсте Андоновски, Иван Тасески и Кристијан Димитриески.

Сите нови играчи се со договор на најмалку две сезони, а според првите луѓе на клубот тоа е така бидејќи сакаат да имаат тим за повеќе години.

ГРК Охрид новата натпреварувачка сезона ја започнува на 3 септември на гостински терен кај екипата на Бутел.

Охрид во новата сезона ќе игра во групата А каде покрај шампионот Вардар ќе играат Бутел Скопје, Струга и Прилеп, како и новите суперлигаши Алкалоид, Вардар Неготино и Куманово.

Please follow and like us:
Tagged