ИПА Охрид со вело тура за вело патека Охрид- Струга

Охрид Регион

Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) -регион Охрид, утре (сабота 25.06.2022 година), организира рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда.

Стартот е закажан во 08.30 часот од градското пристаниште во Охрид, ќе се вози по крајбрежието на Охридското Езеро, по стариот пат од Охрид до Струга каде, по средбата со струшките велосипедисти, се продолжува кон Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до Радожда. Тука, предвиден е едночасовен одмор и освежување на терасата на ИПА пријателот-ресторанот „ДИНГА“  со атрактивен и неповторлив поглед кон Охридското езеро.

На претстојната-втора вело тура Охрид-Струга-Радожда, ќе учествуваат и велосипедисти од ИПА регионите Скопје и Прилеп како и велосипедистите Александар Стојков и Лазо Миноски од Скопје кои, заедно со велосипедистите Владимир Секулоски и Кирил Марковски, кон крајот на март годинава, ја реализираа вело турата „Вера 2022“ и возеа околу 3000 километри низ Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и Албанија.

-Со оваа вело возење, сакаме да ги поттикниме двата крајезерски града-идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека означена со хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Со утрешното вело возење Охрид-Струга-Радожда, Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) -регион Охрид прави обид плус за промовирање на овие атрактивни туристички дестинации, да упатиме порака до локалните самоуправи и другите институции, повеќе да се заложат, велосипедското поврзување Охрид-Струга, да стане реалност, вели Стефан Димоски, претседател на ИПА Охрид.

Димоски смета дека Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи  што е и огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите  но и туристите од Македонија и светот.

-Возењето велосипед е љубов, потреба, незаборавна авантура и неповторливо доживување. Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки, а не да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта, на кои нема ни трага ни глас од современи вело патеки. Покана и благодарност до сите граѓани и велосипедисти кои, го сакаат и живеат за велосипедизмот, додава Димоски.

Инаку, проектот за велоспиедско поврзување на Охрид и Струга  во 2016 година беше инициран од тогашниот Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) Охрид.

Please follow and like us:
Tagged