Состојбата со сметките за струја во ЈП Водовод Охрид е алармантна, ќе се бара од Владата враќање на регулираниот пазар на електрична енергија

Охрид

Ситуацијата во ЈП “Водовод” Охрид во поглед на сметките за струја кои ги добива претпријатието е алармантна.

Ова на денешната седница на Советот на општина Охрид, на која се дискутираше за Предлог-заклучокот за усвојување на Информацијата за материјалното и финансиското работење на ЈП„Водовод“ Охрид со осврт на трошоците за електрична енергија за период 2020 – 2022 година, го обелодени првиот човек на охридскот Водовод, Марјан Ристески.

Директорот Ристески пред советниците ги образложи трошоците за електрична енергија за периодот 2020 – 2022 година. Како што појасни Ристески, за месец август претпријатието добива сметка во износ од 21 милион денари, сметката за месец јули е во висина од 15 милиони денари, а очекува и дека септемвриската сметка ќе биде некаде околу 14-15 милиони денари, односно за три месеци “Водовод” има сметка за електрична енергија од околу 50 милиони денари.

Состојбата е алармантна, нас ни треба час поскоро решение. Не треба ние да го доведеме претпријатието да не може да 10-15 или 20 години да се врати на некои нормални финансиски показатели, рече Ристески.

Тој истакна дека ги прифаќа сите можни алтернативи за поскоро решение на проблемот, како што се поставување фотоволтаици, промена на пумпи, но напомена дека како претпријатие учествуваат во здружението АДКОМ преку кое побарале од државата помош преку неколку алтернативи, а тоа е државата да ги префрли на регуларниот пазар или барем од тоа што е проектирано до тоа што е сметка да може некако да ги субвенционира.

Градоначалникот Кирил Пецаков рече дека со менаџментот на претпријатието работат сериозно на решавање на проблемот, а во таа насока изјави дека со потпишаниот Меморандум за соработка со градежниот факултет го вклучува и проектот за Свинишки извори со кои ќе се обезбеди 55 до 60 проценти од територијата на општина Охрид со водоснабдување. Понатака додаде дека веќе имаат аплицирано за ГПС сатови, со кои ќе се намали загубата на вода.

Градоначалникот Пецаков нагласи дека потребно е да се донесе инстант решение, во моментов, бидејќи другите решенија бараат сериозни вложувања.

-Во моментов единствено решение е враќање од слободниот на регулираниот пазар. Со тоа ќе може претпријатието да продолжи да функционира и да ги извршува обврските. Ќе испратиме Барање до Владата за преминување на јавното претпријатие на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, рече градоначалникот Пецаков.

На негов предлог советниците донесоа заклучок да се испрати барање до Владата за преминување на јавното претпријатие на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија. Како дополнителна мерка за надминување на финасиската состојба во ЈП “Водовод“, советниците ја усвоија одлуката за субвенционирање на трошоците за електрична енергија во висина од 2 милиони денари.

Please follow and like us:
Tagged