ТАВ: Аеродромите во Скопје и Охрид ги завршија 9-те месеци со вкупно 1,8 милиони патници

Македонија Охрид

Двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, забележаа силно закрепнување на патничкиот сообраќај во првите 9 месеци од 2022 година, со што достигнаа вкупно 1,8 милиони патници (1.811.168) и 14.823 летови, од јануари до крајот на септември.

Постпандемиското закрепнување на патничкиот авиосообраќај, кое на глобално ниво почна во 2021 година, на македонскиот пазар силно се почувствува со почетокот на третиот квартал од 2022 година.

„Задоволни сме од закрепнувањето на авиосообраќајот и на скопскиот и на охридскиот аеродром што се случи годинава. Кога земјите од ЕУ, каде што е концентриран повеќе од 75% од македонскиот авиосообраќај, постепено почнаа да ги укинуваат ограничувањата за патување поврзани со документацијата за ковид-19 за патниците  со македонски пасоши, веднаш се почувствува порастот на авиосообраќајот. Во првиот и вториот квартал преземавме голем инвестициски проект – рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром. Без затворање на аеродромот и со добра координација со авиокомпаниите, успеавме да ги одржиме постојните авиолинии. Дополнителен засилувач на растот на патничкиот сообраќај беше значителното зголемување на сезонските летови во летните месеци и на скопскиот и на охридскиот аеродром. Севкупно, во 9-те месеци од 2022 година имаме зголемување од 82% на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, додека во однос на 2019 година која ја сметаме за референтна година во воздухопловството, или годината пред ковид-19, нивото на патничкиот сообраќај изнесува – 12%. Како ТАВ, ќе продолжиме да работиме на проширување на мрежата на нашите авиолинии и од скопскиот и од охридскиот аеродром, со отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од Македонија“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.   

Според статистиката за патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 13% пазарен удел); Виена (6,3%); Цирих (6,2%); Базел Милуз (6,2%); Анталија (5,4%); Минхен Меминген (4,1%); Дортмунд (3,8%); и Келн (3,1%).

Што се однесува до распределбата на патничкиот сообраќај по земји, топ 5 држави со директни летови се: Германија (23,7% пазарен удел); Турција (20,1%); Швајцарија (14,2%); Шведска (6,8%); и Австрија (6,3%).

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај на скопскиот аеродром, Wizz Air превезе најголем број патници од јануари до септември 2022 година (58,2% пазарен удел); потоа следат Turkish Airlines (12%); Pegasus Airlines (6,4%); Austrian (6,3%); Chair Airlines (5%).  

На охридскиот аеродром, за 9-те месеци од 2022 година, најфреквентна дестинација за патување е Виена со 17,9% пазарен удел, потоа Базел (15,4%), Цирих (13,9%), Малме (10,3%), Меминген (10,2%), Амстердам (9,2%), Фридрихсхафен (8,7%), Дортмунд (7,8%), а останатите дестинации се со пазарен удел од 1,4%. 

Како што информираат од ТАВ Македонија, зимскиот распоред на летови 2022/2023 година на двата македонски аеродрома ќе почне на крајот од октомври и според досегашните информации од авиокомпаниите, нема да има значителни промени во бројот на дестинации.

„Летовите на релација Скопје-Измир кои летово беа пуштени како сезонски, ќе продолжат во текот на целата година, а на оваа релација лета Пегасус ерлајнс. Дополнително, полската авиокомпанија ЛОТ којa по ковид-19 ги обнови летовите од Скопје до Варшава во јуни годинава, ќе продолжи да лета до полската престолнина, која е добра точка за трансфер кон Северна Америка, исто како што се и Истанбул и Виена од македонскиот главен град. Речиси сите дестинации што ги имаа двата македонски аеродрома пред кризата со ковид-19, сега се вратени, освен авиолиниите за Доха и Дубаи од скопскиот аеродром. ТАВ Македонија работи на враќање на овие две дестинации, бидејќи истите беа добри за трансфер за македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд, како и поврзување за патниците кои патуваат во Јапонија, Кина, Индија и егзотичните дестинации на Истокот“, објаснува Батак.

Авиолиниите што беа воведени во услови на пандемија на ковид-19 во 2020 и 2021 година, Москва и Санкт Петербург од Nordwind и Киев со Windrose, запреа со почетокот на војната Русија-Украина во првиот квартал оваа година. Друга авиолинија која беше оперативна само два месеца годинава, беше рутата Скопје – Софија на бугарската авиокомпанија GullivAir, која почна во март, а запре на крајот на мај.

Во моментов, 15 авиокомпании летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet, Corendon, Air Cairo, EnterAir, Sunxpress) до вкупно 43 редовни и 4 сезонски дестинации

Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 8 авиокомпании (Wizz Air, Edelweiss, Chair Airlines, TuiFly, LOT, Germania Flug, Arkia) летаат до вкупно 12 дестинации, вклучувајќи ги редовните и сезонските.  

Please follow and like us:
Tagged