(ФОТО) Свечено одбележан 7 ноември – Денот на ослободувањето на Охрид

Охрид

Со свечена програма, денес во големата сала на Општина Охрид беше одбележан 7 Ноември–Денот на ослободувањето на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој искажа искрена благодарност кон сите учесници во Народно ослободителната војна, а посебно кон оние херои кои пред 78 години, на Охрид конечно  му ја подарија слободата:

-Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата Светска Војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното оживотворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија.

Денес 78 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации.

Дозволете ми моето обраќање да го завршам со парафразирање на големиот Јане Сандански: Ако животот е борба во која нашите татковци се избориле за слобода, нашата генерација треба да се бори за совршенство и така најдобро ќе го исполниме аманетот на нашите предци за слободна, просперитетна и вековита Македонија, во која Охрид ќе биде нејзиниот најсјаен бисер – истакна Пецаков.

Во продолжениe на свеченоста, ученици од повеќе училишта во градов и ансамблот “Билјана“, изведоа богата културно – уметничка програма.

Претходно делегација предводена од градоначалникот Кирил Пецаков положи свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците во Спомен паркот на револуцијата.

Делегации од општина Охрид, од Сојузот на борци и останати претставници на политичкиот и јавниот живот од градов положија цвеќе и пред Спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне каде се одржа панихида и културно- уметничка програма.

Свежо цвеќе беше положено и пред спомен обележјата од НОБ кај Градски гробишта, Градски парк, Основен суд, двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

Please follow and like us:
Tagged