Ристески: Да не беше зголемувањето на цената на струјата, „Водовод“ ќе беше во добивка

Охрид

Ако цената на електричната енергија беше иста како ланската година, ЈП „Водовод“ Охрид овој квартален извештај ќе покажеше добивка од 9 милиони денари, рече на вчерашната седница на Советот на општина Охрид, директорот на претпријатието Марјан Ристески и додаде дека сите останати трошоци, за репрезентација, службени патувања, набавка на канцелариски материјали се намалени за 50%, а напомена дека и покрај зголемувањето на минималната плата овие трошоци се намалени со оглед на тоа што намален е и бројот на вработени, во споредба со претходниот период.

Околу загубите на вода, директорот истакна дека станува збор за децениски проблем на претпријатието.

„Се работи за мрежа која е преку 200 километри и мрежа која е стара преку 40 па и 70 години, и нејзиното одржување е голем проблем. Последните 10-15 години не е премногу вложувано во обновување или санација, туку напротив се работело на зголемување. Второ е неможноста да се интервенира брзо, бидејќи јавното претпријатие располага само со еден багер и кога ќе имате еден дефект во Рача, а втор во Лескоец, додека не завршите со едниот, вториот, третиот или четвртиот чека. Истот така во „Водовод“ години наназад не е инвестирано во делот на механизација која што е потребна, но и во стручен кадар, односно проблем е да се најдат водоинсталатери во денешно време, не сакаат младите да го работат тој занает, бидејќи платите се на минимално ниво и не е атрактивна таа професија. Дневно имаме по повеќе дефекти и со таа механизација и тој кадар не може да се стигне насекаде, меѓутоа правиме напори да излеземе во пресрет на сите“, изјави Ристески.

Во однос на несовесното користење на водата, или т.н. кражби на вода, првиот човек на „Водовод“ Охрид, напомена дека потребни се законски измени како би можеле тие да пристапат кон исклучување, бидејќи пред неколку години донесена е одлука да не може да се исклучат корисниците од мрежата.

Директорот нагласи дека и покрај потешкотиите во работењето, сепак платите кон вработените се исплаќаат навремено.

Please follow and like us:
Tagged