Делегација од Европска унија, составена од 21 амбасадор на држави членки на ЕУ, а предводена од шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, беше во посета на Охрид со цел запознавање со тековните и идни проекти кои би можеле да бидат поддржани од нивна страна.
Како најзначаен проект беше проектот за изградба на канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во село Трпејца. Презентацијата на проектот ја изврши проф. др. Гоце Тасески од Градежниот факултет во Скопје.
Пред присутните амбасадори градоначалникот Кирил Пецаков ги презентираше ангажманите на општина Охрид во изработка и реализација на проектите меѓу кои се зачувување на автентичниот изглед на централното градско подрачје за кое е предвидено унифицирана урбана опрема, за што веќе се предвидени финансиски средства во буџетот на Општина Охрид. Градоначалникот Пецаков ги запозна и со постапката за реконструкција на плоштадот „Чинар“ и со изработката на проектот за реконструкција на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“. Целта на овие проекти, како што нагласи Пецаков пред присутните, е враќање на некогашниот препознатлив и специфичен лик на градот.

-Нашата визија за намалување на сообраќајот во централното градско подрачје, за чија цел имаме изготвено проекти за проширување на мрежата на велосипедски патеки, додека во завршна фаза е прибирањето на потребните одобренија за изградба на катна гаража. Со тоа во голема мера ќе се реши метежот во центарот на градот. На просторот од некогашната касарна „Михајло Апостолски“ имаме предвидено реализација на централен парк и зона за прошетка и рекреација на граѓаните. Во проектот е вклучено и реконструкција на постојните објекти. Преземаме активности за дислокација на депонијата „Буково“, работиме на проекти за изградба на нова канализациона мрежа вдолж сливното подрачје на Охридското езеро и за изработка на проекти за водоснабдување на приградските и рурални средини во Охрид, со што би се решил долгогодишен и горлив проблем, истакна Пецаков.
Градоначалникот пред присутните амбасадори обелодени дека компанија од Европската Унија ќе инвестира во Охрид.
-Во делот на заштитата на Охридското езеро со гордост можам да кажам дека како градоначалник и како Локална самоуправа ги поминавме сите преговори со компанија која потекнува од земја членка на ЕУ, а ќе инвестира во Охрид во производство на пловни објекти на сончева енергија, електрични мотори и мотори на сончева енергија наменети за пловните објекти. Со реализација на инвестицијата ја започнуваме и наредната фаза, а тоа е постепена промена на моторите од веќе постоечките пловни објекти во Охридското Езеро со овие нови и незагадувачки мотори, рече градоначалникот на Охрид
Во насока на зачувување на статусот од УНЕСКО, градоначалникот Пецаков ги истакна заложбите на локалната самоуправа кои се манифестираат преку конкретни проекти, како работење на Планот за управување со Охридското сливно подрачје, заложбите за носење на нов Генерален урбанистички план кој ќе биде во согласност со Планот за управување на Охрид.
-Нашата соработка со Делегацијата на ЕУ во Република Македонија е одлична, а како резултат на тоа е имплементацијата на големиот проект „Ohrid GO“ кој целосно е финансиран од Европската унија, заклучи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.






