Ништо од „инвестицискиот бум“ во образованието на СДСМ, Николески и Георгиески: Скратени парите за надградба на детската градинка, за замена на надворешната столарија и за реконструкција на подовите во училиштата

Охрид

По предлог на градоначалникот Константин Георгиески со ребалансот на буџетот кој беше изгласан од советниците на СДСМ и коалицијата на последната седница на Советот на општина Охрид во голема мера се скратија средствата наменети за инвестиции во образованието. Па така објектот Централна на детската градинка наместо да се надгради со 16.300.000 денари, ќе доживее само санација во износ од 5.000.000 денари;

Основните училишта Христо Узунов, Методи Патче, Свети Наум (Коњско) и Кочо Рацин нема да добијат замена на надворшната столарија.

Основните училишта Григор Прличев, Кочо Рацин (Лакочереј), како и средните училишта Гимназија и Емуц нема да добијат реконструкција на подови, а нема да бидат реконструирани ниту таваните и кровот на ОУ Кочо Рацин (Лакочереј), Свети Наум (Коњско) и Гимназијата. Ниту пак ќе бидат наградени најдобрите наставници.

Колку за потсетување на 02 Април 2019 година за време на кампањата за предвремените локални избори членот на СДСМ и сегашен советник и заменик градоначалник, Ристо Николески ќе рече:

„Охрид е град на просветителството и на писменоста, па оттука произлегува нашата обврска да создадеме услови, сегашните и идните генерации да го зачуваат и да го осовременуваат овој имиџ и во иднина. Нашата цел со Георгиески како градоначалник е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува и нашиот град да може да се гордее со ученици кои имаат големи успеси во земјата и во меѓународни рамки. Долги години наназад нашите деца учат во училници во кои има провев од сите страни, во кои прокиснуваат таваните, а подовите се распаѓаат. Токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра. Замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, и во сите подрачни училишни објекти, се плановите на кандидатот за Градоначалник Константин Георгиески. Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи  инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид. Со овие инвестиции покажуваме дека знаеме да определиме приоритетите, работиме посветено, одговорно и домаќински за доброто на сите граѓани.“

Но после само два месеци овие ветувања на Николески останаа мртво слово на хартија, бидејќи самиот Николески како нов советник во советот гласаше за кратење на средства во буџетот наменети за образованието.

Толку беше од „инвестицискиот бум“ на СДСМ, Ристо Николески и Константин Георгиески во образованието.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged