Фудбалски празник во Охрид за петтиот трофеј „ОХРИД ТОП ТИМ“

Спорт

Охрид, Работнички, Победа, Неготино, Њу старс, Еден на Еден, Караорман, Карев, Биџо … и уште неколку други реномирани екипи се дел од V детски фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2019. Традиционално, повод за одржување на овој турнир е роденденот на ФК ОХРИД ТОП ТИМ и истиот е своевиден подарок за нашиот град, за сите пријатели на клубот, но и за сите што го сакаат фудбалот. Оваа година, во периодот од 19 до 22 јуни на СРЦ „Билјанини извори“ повеќе од 250 деца што се дел од 24 екипи ќе одиграат вкупно 52 натпревари во генерација 2006, 2007, 2008 и 2010.

Овој турнир е единствен не само во нашата земја туку и во регионот по тоа што се игра по однапред утврден формат и со ограничен број на екипи што им овозможува на сите учесници максимално да уживаат во фудбалската игра, но и да уживаат во престојот во Охрид имајќи доволно време да ги видат и почувствуваат сите убави работи што ги нуди нашиот град.

Спортските резултати во ова натпреварување не се најважни. Цеталта е на децата да им се исполни желбата за фудбалско надигрување и преку спортот да создаваме генерации кои првенствено ќе ги красат добри човечки особини, а потоа и спортска умешност. Обврска на сите учесници на турнирот ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ е да се однесуваат чесно и во согласност со највисоките морални и етички норми.

Овој фудбалски настан е внесен и во календарот на детски фудбалски турнир на Фудбалската федерација на Македонија и се игра според правилата на федерацијата. Организирањето на вакви форми на спортско натпреварување добро влијае врз психофизичкото здравје на децата кои се мотивираат да спортуваат и успешно се социјализираат.

Институционализирањето на ваквите форми на натпреварување со давање на легитимитет од страна на спортските федерации, како што во случајов е Фудбалската федерација на Македонија, овозможува неутрализирање на сите ризици по здравјето на децата и дава дополнителна сигурност кај учесниците за фер и коректно натпреварување.

Повеќе информации за турнирот може да се добијата и на интернет страната на ФК ОХРИД ТОП ТИМ: www.ohridtoptim.com

Ве очекуваме заедно да уживаме во фудбалските мајстории на овие млади фудбалерчиња во престојната спортска недела, порачуваат од ФК ОХРИД ТОП ТИМ.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged