Мицкоски: Граѓаните се гневни, секој ден ново дно – не отфрламе можни протести

Македонија

Ситуацијата од ден на ден се менува, станува неиздржливо, луѓето стануваат се повеќе револтирани, луѓето ќе почнат да се самоорганизираат, ова што денеска се случува ги поминува сите граници на нормално функционирање на една држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Алсат М Телевизија.

Мицкоски вели дека практично секој ден ги слуша апелите на граѓаните дека е потребна радикализација, дека се потребни избори, дека е потребно практично на начин на кој што СДСМ години наназад функционираше како опозиција и ВМРО-ДПМНЕ да функционира.

-Сето тоа мене ми е јасно и го разбирам гневот на граѓаните, ја разбирам потребата од политички промени во Македонија, но и тогаш и сега ќе го повторам мојот став, дека сега ние се наоѓаме пред исклучително важен период за државата, што морам да признам сум се помалку оптимист, а тоа е добивање на датум за отпочнување на преговори во октомври месец, потенцира Мицкоски.

Тој истакна дека овој активизам кој што е на изјави, на прес конференции, колумни на апели, не само од ВМРО-ДПМНЕ туку и интелектуалци, граѓани во државата треба да биде само дополнителен мотив Заев и неговите коалициони партнери да се повлечат да размислат и да се повлечат и да го слушнат гласот на народот и да се формира техничка влада 100 дена и да се оди на предвремени парламентарни избори.

-Ситуацијата нема да остане уште долго вака, ќе се испушти уште една шанса за Република Македонија, испуштената шанса носи дополнително разочарување кај граѓаните во Република Македонија и дополнителното разочарување има пак други поинакви последици. Затоа час поскоро додека се уште разговараме со изјави, соопштенија, со колумни, со интервјуа да размислат што прават и каде ја водат државата. Со сета човечка, политичка, професорска, педагошка одговорност ви велам во погрешна насока ја водите државата, државата оди во бездна, не зборам само за Зоран Заев, зборам за сите кои што се дел од неговата коалиција, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека не ја исклучува можноста за протести од страна на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека тој поддржува секогаш мирни протести каде што граѓаните на мирен и достоинствен начин ќе морат да го искажат револтот за катастрофалните политики на владата на Заев и неговите соработници.

-Таман работа. Апсолутно секогаш мирни протести, секогаш организирање на мирни протести за опција за било која опозиција вклучително и за ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Република Македонија без разлика дали таа опозиција ќе биде само ВМРО-ДПМНЕ или останатите опозициони партии. Зошто тоа да не бидат и опозиционите партии од албанскиот блок, изјави Мицкоски.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged