Дарко Брлек: Сега знам зошто Охрид е единствен во светот

Култура

Словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс“ и кларинетистот Дарко Брлек два дена уживаа во прошетките на брегот на Охридското Езеро.

Иако повеќето од нив, веќе биле во Охрид, тие беа воодушевени од културно-историските споменици, средновековните цркви и манастирскиот комплекс Свети Наум.

– Неверојатно е колку убав град е Охрид. Многу ми се допаѓа, сум бил повеќе пати, но првпат имав прилика да слушнам за историјата, традицијата и културата на ова поднебје од професионален туристички водич. Научивме многу интересни работи. Благодарни сме, рече Клемен Хвала, челистот на квартет „Дисонанс“.

Музичарите имаа прилика да го посетат и Музејот на вода во Градиште, единствената во светот реконструирана праисториска наколна населба.

-Ова е величествено. Се вративме во праисториско време. Охрид е прекрасно место, многувековна историја, вкусна храна и најважно од се,  гостопримливи и љубезни домаќини, што посебно ми се допаѓа. Пресреќни сме од приемот овде во Охри, рече виолинистот Оливер Диздаревиќ.

Дарко Брлек, е вистински вљубеник во Охрид, тој во градот  престојуваше со целото семејство, сопругата и двете ќерки. 

– Многу пати сум бил Охрид, многу ми се допаѓа. Доаѓам и приватно со семејството со сопругата и двете ќерки. Овој пат имавме прилика да слушнеме и видиме зошто Охрид е единствен во светот. Многу сме благодарни, рече кларинетистот Дарко Брлек.

За да биде потполна приказната за Охрид, уметниците се запознаа и со правењето на охридските бисери. Го посетија Музејот на бисери на семејството  Филеви, од каде добија вредни подароци.

-Ова е прекрасно. Прекрасни се подароците. Многу сакаме манжетни, и ете, сега ќе имаме од охридски бисери. Воодушевени сме, не очекувавме ваков дочек во Охрид, велат возбудено музичарите.

„Охридско лето“ годинава за прв пат воведе туристички водич и прошетки на уметниците од странство кои настапуваат на фестивалот. Целта е  промоција на културно-историските вредности на градот Охрид.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged