Згаснува ли една од постарите спортски манифестации во Охрид – Охридскиот атлетски маратон?

Спорт

Ќе изгуби ли Охрид уште една од постарите и позначајните спортски манифестации, охридскиот атлетски маратон?

Ова прашање се поставува откако организаторите на фејсбук објавија статус во кој се вели дека овогодинешното 33-то издание на маратонот ќе биде последно организирано од досегашниот организационен одбор.

Нивниот статус ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани љубители на атлетиката и маратонското трчање за жал мора да ве известам дека 33-тото издание на Меѓународниот Охридски Атлетски Маратон Св. Наум – Охрид во должина од 30 км ќе биде и последно организирано од досегашниот Организационен Одбор. На последниот состанок од 8 членови се појавивме само тројца иако беше нагласено дека нема многу време и дека се бара обавезно присуство. Од Општина Охрид имаме сознанија дека нема да поддржуваат вакви манифестации. Во сите досегашни изданија од 2004-та кога ја вративме традицијата на овој настан (повеќе може да се види на www.iamo.mk), кој е воедно и еден од најстарите од ваков тип на балканот и пошироко,баравме од Општината Охрид да застане како покровител зад овој настан и по примерот на многу Европски градови има своја Маратонска трка. За жал таква поддршка никогаш не добивме и донекаде ги разбирам останатите членови што сакаат да се повлечат од организацијата на овој настан. Секоја година се судираме со проблемот за финансиски средства, лично и сам веќе се заморив со молење по мои деловни партнери и од чукање по вратите на државните институции. Ова е манифестација која не работи на економски принцип за да се профитира од неа и многу пати покушавав тоа да го докажам во минатото, ако и останувало нешто се делело на маратонците како на пример за најмлад и најстар учесник или во разноразни поклони. Ова е манифестација организирана со ентузијазам и љубов и многу често со саможртвување, пред се понесена од ентузијазмот на самите учесници за кој е голем предизвик да се истрча Охридскиот маратон како во Македонија така и во многу други земји.
Од минатогодишниот настан останавме должни со околу 80.00,00 за полициското обезбедување (за прв пат од 2004-та досега се случи тоа да полицијата ни бара пари за обезбедување, а и сообраќаен проект кој некако смогнавме сили и го плативме), побаравме од Општина Охрид да ни го покрие барем тој долг и очекуваме одговор иако не се надеваме баш многу. Од Агенција за Млади и Спорт ни е кажано дека ќе има нешто, но ќе знаеме почетокот на Септември. На страната каде е и пријавувањето www.smartrace.club објавивме некаков награден фонд, но не сме сигурни дали ќе можеме да го исполниме, па ве молам да имате разбирање доколку се случи промена на наградниот фонд.
За крај еден огромен АПЕЛ до државните институции, а посебно до Ohrid Municipality и Константин Георгиески – официјална страна, да не дозволат да згасне овој настан кој е граден со многу љубов и самопожртвуваност, 33 години се во прашање 1/3 век. Од многу земји од регионот па и пошироко имало учесници кој си заминале презадоволни од приемот и со обеќање дека ќе се видиме и наредната година, да не дозволиме сами да си ги бркаме туристите.“

Атлетскиот маратон во Охрид се одржува од 1976 година, а се до 1993 година на 7 ноември – Денот на ослободувањето на градот во Втората светска војна. Од 2004 година наваму маратонот добива меѓународен предзнак и со исклучок на 2011 година, се одржува секоја година на 8 септември, по повод Денот на осамостојувањето на Република Македонија.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged