Атрактивно деби на охридските теквондисти Велковски и Димитриевиќ на Светското првенство во Бугарија

Спорт

На Светското Таеквон-до ИТФ првенство кое се одржа од 24-30 август 2019 во Пловдив, соседна Бугарија под водство на претседателот Марјанчо Лазаревски светски вицешампион Прага’96, носител на црн појас V дан, Македонската ИТФ настапи со двајца натпреварувачи, Давид Велковски и Божидар Димитриевиќ, двајцата членови на Таеквон-до клубот “ХВА РАНГ ИТФ” Лескоец –Охрид.

– Давид Велковски и Божидар Димитриевиќ имаа испит за црн појас I дан, пред повеќе меѓународни инструктори, што беше последен услов за учество на ова светско првенство. На двајцата им беше прво искуство на натпревари од ваков ранг, при што можеме слободно да се пофалиме и да се гордееме што имаме врвни натпреварувачи кои даваат се од себе да ја претстават нашата држава во најдобро светло и се трудат да постигнат што подобар успех. Како од дебитанти не очекував некој значаен успех, вели Лазаревски, додавајќи дека целта на ова Светско првенство беше нивните натпреварувачи да ја почувствуваат атмосферата во спортската сала и да им биде како тренинг за наредните светски и европски првенства.

Лазаревски надополнува дека го прифатиле учеството на првенството и во знак на благодарност на бугарската федерација, која на нивниот турнир на 22 јуни донесла околу 150 натпреварувачи, и тоа најдобрите, при што им дошло како пробен тест на нивните натпреварувачи.

– Сакам да им се заблагодарам лично на Давид Велковски и Божидар Димитриевиќ, што направија да се гордееме со нив. Покажаа извонредна пожртвуваност и техника, при што дадоа неколку нокдауни. И двајцата влегоа без трема иако за противници им паднаа репрезентативци од најсилните федерации, но за жал во четвртфиналните борби за медал загубија од судиите кои и овај пат покажаа пристрасност кон големите федерации. Иако без медал се чувствуваме исто како да сме освоиле, гледајќи ги на под натпреварувачите од Чешка, Русија, Ирска, Естонија пред нашите херои. Користиме прилика да изразиме најголема благодарност до нашиот Генерален спонзор “ПН МЕТАЛ” кој и овај пат е најзаслужен за нашето учество на ова престижно првенство, а воедно и најзаслужен за сите наши успеси и за квалитетот на нашите натпреварувачи, што ни даде прилика да видиме до каде се стигнати нашите помлади натпреварувачи кои пријатно не изненадија и кои ветуваат во иднина за медал од светско првенство, изјави Марјанчо Лазаревски претседател на Македонската ИТФ и на Таеквон-до клубот “ХВА РАНГ ИТФ” Лескоец –Охрид.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged