Македонија одбележува 78 години од антифашистичкото востание

Македонија

Денеска се одбележува 11 Октомври, Денот на народното востание. Македонија одбележува 78 години од почетокот на антифашистичкото востание.

Организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата започнало на 11 Октомври 1941, кога Првиот прилепски партизански одред ја нападнал бугарската полициска станица Участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп.

Во нападот учествувале 16 партизани, распределени во три групи. Ослободителните дејствија продолжиле на 12 октомври во Куманово каде во областа Студена вода бил формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот одред.

Од првите партизански одреди кои ја почнале борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прераснала во добро организирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged