Кучињата скитници, горлив проблем за стружани

Регион

Проблемот со кучињата скитници во Струга останува. Граѓаните загрижени за нивната безбедност од глутниците, кои ги демнат секојдневно. Јавното претпријатие „Комунално“ излезе со обвинување дека кучиња скитници се носат и од други градови. Изминатата година во струшката болница биле евидентирани 10-тина лица искасани или повредени од куче.

Стружани се плашат за својата и безбедноста на децата

Стружани се плашат да излезат на улица, особено навечер. Велат во овој период од годината кучињата се поагресивни, лаат и трчаат по луѓето. Сметаат дека општината, па и државата треба да преземат мерки, да се згрижат кучињата скитници во стационар и соодветно да се третираат.

-Локалната самоуправа треба да води сметка за кучињата скитници, да изградат стационар каде ќе се чуваат овие кучиња или кастрирани, вакцинирани и прочистени ќе се пуштаат, вели стружанец.

Друг жител на Струга, пак, посочи дека оние граѓани што не планираат да чуваат милениче воопшто нека не го земаат, а не како што велат, имало случаи кога семејство ќе земе миленик, но по одреден период му здосадува или од други причини го напушта.

-Ако некој сака миленик нека го чува дома, соодветно нека се грижи за него. Доколку не сака да чува негово потомство нека го стерилизира/кастрира, а не кога ќе се накучат малите да ги фрлаат на улица на милост и немилост. Па и животните имаат душа и хумано треба да се постапува со нив, изјави стружанка, љубител на животни.

Глутници кучиња се шетаат во близина на училишните дворови и градинките, а граѓаните се загрижени за безбедноста на нивните деца. Стружанка која многу пати спасила дечиња од напад на кучиња на шега вели „во нашето маало има повеќе кучиња, од луѓе“.

Само оваа година пет лица каснати од куче, а еден пријавен во полиција

За само четири месеци на хирушкото одделение во струшката општа Болница 10 лица побарале помош од каснување од куче. Од почетокот на годината, односно за нецел месец  дури петмина настрадале, додека во октомври и ноември имало по двајца, а во декември еден искасан од куче.

Директорот на општата Болница Струга, Реџеп Даути, информира дека најмладиот пациент било деветгодишно дете, а највозрасниот 50.

-За среќа сите се добри, немало ниту една компликција и сите се третирани само локално, изјави Даути за МИА.

При евентуални компликации од каснување на куче лицата се испраќаат на инфективното одделение во охридската Болница.

-Во поретки сличаи може да дојде до беснило и тетанус од самата рана. Затоа треба да се види дали кучето е вакцинирано. При такви компликации веднаш го испраќаме на инфективно. Доколку дојде до каснување од куче лицето веднаш да се јави на лекар и ако има податок за кучето дали тоа има сопственик да прашаат дали било соодветно вакцинирано, истакна Даути.

Во Полициската станица во Струга во текот на овој месец бил пријавен само еден случај за каснување од куче на граѓанин, додека во текот на минатата година четворица пријавиле напад од куче.

-Полициската станица од Струга, против сопствениците на кучињата има поднесено прекршочни пријави. Согласно членот 29 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, кој без заштитни средства/маска и слично, без надзор и невнимателно држи кучиња и други опасни животни, кои можат друг да престрашат или да повредат, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Според него, во струшката полиција немало официјална пријава од граѓани за напад од куче скитник.

И туристичките работници засеганти со кучињата скитници

Проблемот со кучињата скитници ги засега и туристичките работници. Хотелиерите повеќе пати апелираа за решавање на овој проблем на охридско-струшката ривиера.

-Години наназад Струга има реален проблем со кучињата скитници. Иако во неколку наврати во минатото имавме реакции, бидејќи напаѓаа и наши вработени и туристи особено вон сезоната, но немало никаков ефект, вели Ана Јанческа Дуданоска, менаџер во струшки хотел.

Таа забалежа дека во лето кучињата скитници од цел град доаѓале на плажа и ги вознемирувале туристите.

-Бидејќи странските туристи во голема мера ги хранеа и носеа на ветеринар, тие доаѓаа на плажа по нив. Имаше и случаи откако беа кастрирани, прочистени и вакцинирани беа посвојувани и носени во странство, посочи Јанческа Дуданоска.

Туристичките работници очекуваат дека локалната ќе направи стационар за кучиња, што ќе го реши проблемот со кучињата скитници не само во сезона, туку и вон сезона.

Кучиња се носат од други градови

Директорот на Јавното комунално претпријатие Иван Клечкароски во изјава за МИА потврди дека неодамна поголема група кучиња била истоварена на влезот од градот, но лицето кое ги забележало не снимало ниту фотографирало, па нема докази за соодветна пријава. Тој се сомнева дека кучиња скитници се носат од соседните градови, како Дебар и Кичево и се пуштаат да дивеат низ Струга.

-Едно хумано момче кое им помага на кучињата во градот и ги познава сите ми кажа дека во Струга има многу нови кучиња. Неодамна ми кажаа дека на влезот од градот во близина на еден хотел од комбе била истоварена поголема група кучиња. Но не ги снимале и немаме докази за пријава. Институциите бараат докази, рече Клечкароски.

Упати апел до граѓаните доколку забележат дека некој со возило носи куче скитник и го пушта во Струга веднаш да пријават во полиција и ако се во можност да фотографираат за институциите соодветно да дејствуваат.

Општина Струга нема стационар за бездомни животни, а комуналното претпријатие годишно добива 200.000 денари за интервенција и лекување при повреда на кучиња – скитници.

Директорот на „Комунално“, се пожали дека наследил 20-тина тужби од граѓани за напад од кучиња.

– Кога дојдов на функцијата лани, наследив околу 20 тужби за изминатите четири-пет години и состојба од 40.000 евра за исплата по тие тужби, изјави Клечкароски.

Адвокатите кажуваат дека оштетени граѓани доаѓаат кај нив за стручна помош за надомест на штета поради кансување од куче, како и за покренување иницијатива за преземање дополнителни мерки.

извор: МИА


ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged