Обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид во моментов се наоѓаат во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што земаат исказ од девојката која беше брутално претепана, во случај што предизвика огромно вознемирување и револт во јавноста.
Исказот на оштетената се очекува да биде од особено значење за понатамошната постапка, но и за утврдување на правната квалификација на делото.
Во меѓувреме, јавноста сè погласно бара одговори од охридското Обвинителство, особено за постапувањето на обвинителот Стојан Арнаудов и одлуката да не биде побарана мерка притвор за осомничениот, туку да бидат определени мерки на претпазливост. Според информациите со кои располагаме, осомничениот во моментов се наоѓа во својот дом.
Зошто Обвинителството не побарало притвор? Дали биле правилно проценети околностите и ризиците во овој случај? И дали по исказот на оштетената ќе следува промена во постапувањето на надлежните институции?
Ова се само дел од прашањата на кои јавноста очекува конкретни одговори.
Дополнителен проблем претставува недоволната официјална комуникација со јавноста, која остава простор за бројни шпекулации, неосновано поврзување имиња на други охридски семејства со случајот, како и за негово префрлање на политички терен.
Наместо институционални одговори и јасни информации за текот на постапката, на социјалните мрежи се создава вистински медиумски хаос, во кој се шират различни тврдења, обвинувања и претпоставки.
Револтот кај граѓаните е сè поголем. На социјалните мрежи веќе се појавуваат повици за организирање протест пред Основното јавно обвинителство во Охрид, а покрената е и онлајн петиција преку која се бара реакција и одговорност од надлежните институции.
Клучното прашање сега е дали по земањето исказ од претепаната девојка, Основното јавно обвинителство во Охрид конечно ќе излезе пред јавноста со конкретно соопштение и објаснување за своето досегашно постапување.
Граѓаните имаат право да знаат зошто не бил побаран притвор, каква е моменталната правна квалификација на делото и дали новите сознанија од исказот на оштетената ќе влијаат врз понатамошниот тек на истрагата.
Обвинителството има обврска да ја заштити истрагата и приватноста на оштетената, но тоа не ја исклучува потребата од навремено, јасно и одговорно информирање на јавноста.
Случајот со претепаната девојка во Охрид веќе прераснува во сериозен тест за довербата на граѓаните во правосудните институции.
Останува да се види дали охридското Обвинителство ќе понуди одговори што ќе ги расчистат дилемите или со продолжување на недоволната комуникација дополнително ќе го продлабочи сомнежот во институционалното постапување.

