Од црквата „Свети Јосиф“ украдена Пресветата Причест

Македонија

Од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии. Кражбата се случила во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември, информираат од Скопската бискупија.

Случајот е пријавен кај надлежните институции, а во тек е полициска истрага.

Од Скопската бискупија велат дека нивната најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени, бидејќи за Католичката црква Пресветата Причест претставува најсвет дар и средиште на духовниот и литургискиот живот.

Бискупијата упати апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро.

„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, се наведува во соопштението.

Истовремено, Скопската бискупија ги повика граѓаните кои имаат каква било информација што може да помогне во пронаоѓањето на украденото да се обратат до надлежните органи.

Од Бискупијата упатија и повик до верниците да се обединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување и преобраќање на срцата.

Please follow and like us: