„Каде што срцето е дома“: Аеродром прв домаќин на серијата теренски посети на Министерството за локална самоуправа

Македонија Општо

Општина Аеродром денеска беше домаќин на првата од серијата посети на Министерството за локална самоуправа во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“. Оваа иницијатива има за цел директно запознавање со предизвиците и потребите на локалните самоуправи и граѓаните, со фокус на изнаоѓање соодветни решенија за нивно надминување и постигнување поголем напредок.

На посетата присуствуваа министерот Златко Перински, заменик министерот Ерџан Селими, в.д. градоначалникот Дејан Митески, претседателот на општинскиот Совет Љупчо Ацковски и членови на Советот.

Министерот Перински истакна дека, како жител на Аеродром, добро ги познава состојбите во Општината, како и предизвиците и потребите на граѓаните.

„Како најнаселена скопска општина, Аеродром има свои предности, но и недостатоци. Најголем предизвик е да се постигне баланс помеѓу растот и одржливиот развој, со цел да се обезбеди квалитетно секојдневие на граѓаните. Сакам јавно да му оддадам признание на в.д. градоначалникот Митески, кој успешно се справува со сите околности во неговото досегашно раководење со Општината, и да го охрабрам да продолжи посветено да работи во интерес на сите аеродромци. Верувам дека заеднички можеме да постигнеме уште повеќе“, изјави министерот Перински.

Во рамките на посетата се одржа отворена дискусија за планираните реформи на Законот за локална самоуправа, како и за актуелните проблеми со паркирањето, загадувањето, урбанизацијата и безбедноста во сообраќајот. Беа разгледани и иницијативи за:

  • промоција на алтернативни видови транспорт,
  • поставување на паметни семафори,
  • дигитализација на административни услуги,
  • зголемување на зелените површини.

Овие мерки се предложени како решенија за подобрување на квалитетот на живот на жителите на Аеродром.

В.д. градоначалникот Митески и претседателот на Советот, Ацковски, ја поздравија иницијативата за теренските посети на општините и планираната измена на Законот за локална самоуправа. Тие потенцираа дека Општината и Советот ќе продолжат да работат посветено во интерес на граѓаните.

„Чест и задоволство ми е што нашата општина е прва во низата општини кои ќе бидат посетени во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“. Владата и Министерството покажуваат голем слух за нас, градоначалниците, и нивната поддршка е од големо значење за Општината и граѓаните. Верувам дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, а ние ќе продолжиме посветено да работиме во интерес на граѓаните кои ни ја дале довербата“, изјави в.д. градоначалникот Митески.

Утре, во рамките на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот Перински ќе одржи средба со претставници на бизнис секторот, невладините организации, културните и спортските работници. Добредојдени се и сите граѓани кои имаат прашања, предлози и сугестии за напредокот на Општината.

Средбата ќе се одржи во 12 часот во ООУ „Љубен Лапе“.

Please follow and like us: