Отворено послание до Цариградскиот Патријарх од старецот Гаврил Светогорец – Слободан Томиќ

Регион Свет

Ваше Преосвештенство!

За време на Вашата неодамнешна посета на Света Гора Атонска – во земниот предел на Пресветата Мајка, нашата Богородица – многу сакав да го добијам Вашиот патријаршиски благослов и да Ви ги целивам нозете. За жал, не можев да го направам тоа, затоа што истото одамна се смета за нешто грешно. Сакате да слушнете зошто?

1.Во бесплодните и лукави дијалози со еретиците, Вие и Вашите прислужници ја предадовте Едната и Единствена Црква – Светото Православие, затоа што многупати ја признававте таканаречената „разнообразност“ во светите догмати и им дававте статус на Црква на еретичките монофизитски парасинагоги, на папата Римски, како и на протестантите, кои се иконоборци и непријатели на Пресветата Богородица.

Претходно, во присуство на сите, произнесовте хула против светите отци, нарекувајќи ги „несреќни жртви на древната змија, на родоначалникот на злото“, и не се покајавте за тоа. Тоа го направивте за во очите на другите да не оставите впечаток дека сте задолжени да бидете послушни кон нивните богоугодни повици.

2.Вие сте непријател на Триедниот Бог и на нашата Богомајка, затоа што на ниво на Црква се дружите со свесни и нераскајани еретици и друговерци, со оние кои стануваат развратни, грешат и се самоосудуваат (Тит. 3:11), со поборници на ересите и заштитници на нечестието.

Вие, заедно со нив, ќе тргнете во вечна мака, далеку од земјата на живите, ако не се вратите во верата.

Зашто свети Јован Златоуст вели:

„Кој се здружува со непријателите на царот, тој не може да биде негов пријател. По самиот свој живот тој е недостоен и пропаѓа заедно со непријателите… заслужува дури и најстрашна казна.“

И дека:

„Омразата поради Христа е многу подобра од дружбата поради Него.“

Зарем не се сеќавате на боговдахновените зборови од Светото Писмо:

„Во злото пред Бога еднакви се и нечестивиот и бесчестието негово“ (Прем. 14:9)?

3. Под Вашиот патријаршиски покров, Ваша заштита и прибежиште наоѓа секоја ерес и секое новопројавено отстапништво од верата, не само во епархиите на Константинополскиот престол, туку и во Еладската Црква и на други места.

Вашите клирици, богослови и научници, кои ги наградувате со високи звања, учествуваат на почесни конференции и ги издаваат своите трудови, прославувајќи го Вашето „премудро патријаршиско управување“.

Меѓутоа, сите тие се основачи и зачинувачи на секакви претходно невидени богословски ереси и новотарии на ниво на Црквата, почнувајќи од метапатристичкото богословие и паганскиот култ на Земјата, облечен во рувото на еколошката дејност, па сè до „враќањето во свештенослужителски чин“ на нераскајаните расколници од Украина.

Покрај Вас, прибежиште и оправдание од громогласната осуда на православното духовенство наоѓаат сите тие духовни волци. Вие сте нивен пастир и покровител.

Според зборовите на светите отци, пребивате во потполно едномислие со нив:

„Како да не се сметаат еднакво нечестиви оние кои не го воздигнале својот глас против бесчесноста и не застанале во заштита на другите кои ѝ се противставуваат и поради тоа сега се прогонети?“

4. Како да сте втор папа, веќе три децении во црковната полнота го всадувате мислењето дека секоја желба на секој епископ, а пред сè на Вселенскиот патријарх, претставува закон за Црквата.

Колку ли Ве осудуваат светите отци, кои ги навредувате со Вашите искази, и Вас и папата!

Колку е соодветен и за Вас прекорот на свети Григориј Палама, кој го упатил до Вашиот претходник на патријаршискиот престол, соборно осудениот еретик Јован Калекас:

„Тој за собор се сметаше само себеси, затоа што многукратно само самиот себе се нарекуваше ‘Црква’. Што и да зборува и што и да проповеда за Црквата, само тоа му се чинеше правилно. Изјавуваше дека целата Црква смета така.“

5. Со своите дејства и учење Вие демонстрирате игноранција спрема правилата на светите апостоли, светите Помесни и Вселенски собори и спрема светоотечкото предание.

Тие строго забрануваат заеднички молитви, соработнички односи и заедничко богослужење со еретиците.

Нашата Црква смета дека:

„Не е целосно, туку половично православен оној кој смета дека ја содржи правилната вера, но не се раководи од божествените канони.“

Според тоа, покажувате дека не верувате во Бога, во бесмртноста на душата, во невидливиот свет, во рајот, во пеколот, во Страшниот суд и во благонадежноста.

Ваше Преосвештенство, можеби мислите дека приватните средби со претставниците и благотворителите од масонските ложи и другите ордени поврзани со нив ја сведочат Вашата висока положба и статус во Црквата?

Сето тоа е несовпадливо со православната вера и длабоко ѝ е противно.

6. За жал, оние кои мораат да добијат љубезни насоки од Вас и од Вашите соработници, а не се сообразуваат со свештеното устројство на Православната Црква, прекрасно знаат дека сите кои ќе се противстават на Вашите методи за распространување на екуменизмот се изложуваат на изолација и отуѓување од средината во која живеат, по што мораат или да замолчат или да си заминат.

Употребувате и политичко замешување, какво што применивте на Света Гора Атонска.

Затоа, кон Вас без остаток се однесува она што свети Атанасиј Велики го смета за карактерна особина на еретиците кои биле следбеници на Ариј:

„Вистината не се враќа со меч и со стрели, ниту со помош на воини, туку со уверување и совет. Какво е тоа уверување каде постои страв од царот? Или каков е советот каде на оној што приговара му се заканува затвор или смрт?“

Независно од тоа што Вие, Ваше Преосвештенство, често наметнувавте на себе маска на православен, зборовите Ви беа спротивни од делата и, воопшто, од начинот на кој мислите.

Но, според свети Григориј Палама, дури и да сте се поколебале околу нешто во однос на Православието, немаше да бидете достојни за свештениот чин:

„Светите Канони определуваат дека оние кои некогаш се согласуваат со благочестието, а некогаш го отфрлаат, според Светите Канони се лишуваат од свештенството: ‘неуверениот во благочестие’, одново посегнал по бесрамно зломислие.“

Поради Вас, пред душата на секој православен Грк стои избор: или да дејствува од љубов кон Богочовекот Христос, или да му се потчини на ерархот овластен да биде „Патријарх на нацијата“.

Всушност, за тоа пред 1.600 години, свети Кирил Александриски му пишува на еретикот Несториј, тогашен претстојател на Константинополската Црква и Ваш претходник:

„Што треба да истрпиме ние, од кои твојата благоговејност бара повеќе љубов кон тебе отколку кон Христа, Спасителот на сите нас? Кој ќе ни помогне во денот на Судот? Или какво оправдание ќе најдеме за себе кога толку долго молчиме при вакво злохулење на Христа?“

Ваше Преосвештенство, се разбира, повредата која му ја нанесувате на Телото Христово – на Црквата – претставува бунт против Самиот Спасител.

За 28 години од своето владеење не презедовте ниту една постапка со која ќе ги израдувате и ќе ги утешите срцата на вистинските православни христијани.

Вие им угодувате само на оние кои поседуваат светска мудрост.

Сите награди и знаци на почест што ги добивте од владетелите на овој свет, кој лежи во зло (1. Јов. 5:19), не Ви беа дадени во слава на спасителното Православие, туку за да Ве поттикнат да го омаловажите.

Тоа и го правите со сите можности кои Ви се на располагање.

–

ВАШЕ ПРЕОСВЕШТЕНСТВО

Покајте се и престанете да одите по широкиот и душегубен пат, по кој без починок се движите напред!

Со Вашиот пат и вектор на движење му нанесувате штета на чистото и неповредено православно мислење и на меѓуправославното единство на милиони крстени души, за кои мора да дадете страшен, „вселенски“ одговор пред непоткупливиот Божји суд.

Ќе се уплашите од помислата дека нематеријалниот и бесконечен пекол е полн со нераскајани архиереи и патријарси.

Добро се познати случаите од историјата на Црквата кога патријарсите и нивното високо опкружување станувале ересијарси и биле осудени, на чело со првиот од нив – паднатиот апостол и предавник Јуда Искариот.

Пред сè, божествениот суд започнува со нас – црковнослужителите:

„Зашто времето ќе започне со судење во домот Божји; ако најпрво со нас почне, тогаш каков е крајот на оние кои не му се потчинуваат на Евангелието Божје?“ (1. Пет. 4:17).

Така, Ваше Преосвештенство, одете додека е сè уште дење, за да не Ве закрили темнината, кога никој не може да работи (Јован 12:35; Јован 9:4).

Монах Гаврил Карејски

Келија на преподобниот Христодул Патмијски
Манастир Кутлумуш
Света Гора Атонска

11 ноември 2019 година

Please follow and like us: