СЕМЕЈСТВОТО НА ПРЕТЕПАНАТА САРА АПЕЛИРА: НЕМА ПОТРЕБА ОД ПРОТЕСТ, САКАМЕ МИР И ПРАВДА ЗА НАШАТА ЌЕРКА!

Охрид

СЕМЕЈСТВОТО НА ПРЕТЕПАНАТА САРА АПЕЛИРА: НЕМА ПОТРЕБА ОД ПРОТЕСТ, САКАМЕ МИР И ПРАВДА ЗА НАШАТА ЌЕРКА!

Семејството на младата Сара Георгиевска од Охрид, која беше жртва на брутално физичко насилство, во разговор за Ohrid1 апелира до граѓаните да се откажат од најавениот протест за утре пред Основното јавно обвинителство во Охрид. Тие се заблагодаруваат за огромната поддршка од јавноста, но по последниот развој на настаните во обвинителството и повторното определување притвор за осомничениот, велат дека во овој момент единствено им се потребни мир и закрепнување на нивната ќерка.

По промената на јавниот обвинител кој постапуваше по предметот, Стојанчо Арнаудоски, и преземањето на случајот од обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска, според информациите со кои располага Ohrid1, побаран е и определен притвор за осомничениот, кој повторно се враќа во притвор.

Претходно во јавноста се појавија информации за наводна блискост на досегашниот обвинител Арнаудоски со семејството Корабоски, од кое потекнува осомничениот. Овие наводи засега не се официјално потврдени како причина за промената на обвинителот.

Семејството на Сара за Ohrid1 вели дека е задоволно од последниот развој на настаните и дека сега сака единствено институциите да си ја завршат работата, а нивната ќерка да добие мир.

Тие раскажуваат дека зад нив се повеќе од 40 часа вистинска голгота по болниците, исполнета со страв, неизвесност и огромен психички притисок. Сара сѐ уште е во шок од преживеаното и полека се обидува да закрепне.

Нејзините родители откриваат дека таа воопшто не е информирана за најавениот протест, ниту пак има претстава за размерите на реакциите во јавноста.

„Нашата ќерка сѐ уште не знае каков одек има случајот во јавноста. Не знае што сѐ е објавено, ниту дека се најавува протест. Таа сѐ уште е во шок и полека се враќа на себе. Нам сега ни треба мир“, е пораката што семејството ја пренесува во разговорот за Ohrid1.

Родителите нагласуваат дека нивната борба нема никаква политичка заднина, ниту пак сакаат трагедијата на нивната ќерка да биде искористена за политички цели.

Нивната единствена цел, како што велат, е институциите да постапуваат професионално, непристрасно и во согласност со законот, а одговорните за насилството да бидат изведени пред лицето на правдата.

Тие особено апелираат граѓанскиот револт да не добие политичка димензија и случајот на нивната ќерка да не биде злоупотребен за политички пресметки.

По последните промени во постапувањето на обвинителството и определувањето притвор, семејството смета дека во овој момент нема потреба од протестни собири.

Истовремено, упатуваат искрена благодарност до сите граѓани на Охрид и пошироко кои изминатите денови покажаа солидарност, сочувство и поддршка за Сара.

„Ви благодариме на сите за поддршката. Ве молиме останете со нас, но во овој момент не сакаме протести. Сакаме мир за нашата ќерка и правдата да ја спроведат институциите“, е суштината на апелот на семејството.

Случајот со претепувањето на Сара предизвика огромен револт во Охрид и низ Македонија, особено по објавувањето на фотографиите од тешките повреди што ги претрпела.

Сепак, семејството сега испраќа јасна порака: поддршката на граѓаните им значи многу, но најголемата помош во овој момент е да им се овозможи мир, а на институциите да им се остави простор да ја спроведат постапката.

Апелот на семејството е најавениот протест за утре во 18 часот пред обвинителството во Охрид да не се одржи.

Please follow and like us: