Насилникот Кристијан К. кој во Охрид во брутално ја претепа Сара, повторно е лишен од слобода поради нови околности.
Според објави во медиумите, семејството на Сара, апелира до граѓаните да се откажат од најавениот протест за утре пред Основното јавно обвинителство во Охрид.
Тие се заблагодаруваат за огромната поддршка од јавноста, но по последниот развој на настаните во обвинителството и повторното определување притвор за осомничениот, велат дека во овој момент единствено им се потребни мир и закрепнување на нивната ќерка.
Претходно денес беше објавено дека кривична пријава е поднесена против 31-годишен охриѓанец, осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна девојка и ѝ нанел тешки телесни повреди, поради кои таа завршила во болница.
Според информациите од СВР Охрид, против К.К. (31) од Охрид е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, согласно член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ, по расправија меѓу момчето и неговата 26-годишна девојка од охридско. Расправијата започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил, каде што тој физички ја нападнал.
Откако го запрел возилото, осомничениот продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
Полицијата презела мерки и во 5:05 часот го лишила од слобода 31-годишниот осомничен, кој бил задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му изрекол мерки на претпазливост.
Сега, повторно е приведен.

