Колумна на Слободан Томиќ – Мицкоски со силна порака до Брисел: Ако Европа е голема, нека покаже големо срце и душа. Не може членството да се плаќа со одрекување од сопствениот идентитет!

Македонија Свет

Пишува: Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

Европа повторно зборува за проширување, за обединување, за економска моќ, за демократија и за заедничка иднина.
Но, дали навистина може да зборува за голема и обединета Европа, а истовремено да дозволува една држава со децении да биде изложена на нови условувања, политички притисоци и барања што навлегуваат во самата суштина на нејзиниот национален идентитет?

Токму затоа пораката на премиерот Христијан Мицкоски на Форумот за проширување во Брисел има посебна политичка тежина.

Мицкоски јасно порача дека процесот на проширување треба да значи модернизација на државите, реформи на институциите, нивна поголема одговорност, транспарентност и отвореност кон граѓаните.
Но, ако од една држава се бара да го менува Уставот само затоа што некој сака да наметне промени што навлегуваат во прашањето на нејзиниот национален идентитет, тогаш тоа нема никаква врска со суштината на европското проширување.

И токму тука Мицкоски ја погоди најчувствителната точка на европската политика кон Македонија!

Не може патот кон Европа да стане пат на самоодрекување! Не може членството во Европската Унија да се претвори во цена што еден народ треба да ја плати со сопственото национално достоинство!

Македонија не бара привилегии. Не бара да биде ослободена од реформите.
Не бара да ги заобиколи Копенхашките критериуми.
Бара тие да важат подеднакво за сите.

Да бидеме прецизни: во преговарачката рамка од 2022 година постои обврска за уставни измени и внесување на граѓаните кои се декларираат како Бугари.
Но, токму тука е суштинското прашање: дали исполнувањето на тоа барање ќе значи сигурен и непречен напредок кон членството или Македонија повторно ќе се соочи со нови политички условувања?

Кој може да гарантира дека утре нема да се отвори ново прашање за македонскиот јазик, историјата или националното самоопределување?

Зарем европските институции не разбираат дека со постојано отворање на вакви прашања се поткопува довербата на македонските граѓани во самата Европска Унија?

И уште поважно: дали е во духот на европските вредности една држава да биде доведена во ситуација да прави уставни промени под постојан политички притисок, без јасна гаранција дека со тоа ќе се отстранат сите пречки на нејзиниот европски пат?

Уставот не е инструмент за задоволување на нечии историски и политички амбиции. Тој е највисокиот правен акт на една суверена држава. Уставните измени мора да произлегуваат од демократска волја и од убедување дека се во интерес на државата, а не од страв дека повторно ќе бидеме блокирани.

Урсула фон дер Лајен зборува за проширувањето како историска придобивка, за посилна Европа и за опасностите од руската агресија. Марта Кос предупредува дека денешното проширување се одвива во многу посложена геополитичка ситуација.

Но, дозволете да прашаме: зошто европската иднина на Македонија постојано се мери низ геополитички интереси, а не низ принципите на правичност, еднаквост и почитување на националната посебност?

Зошто проширувањето толку често се претставува низ призмата на Русија?
Зарем економскиот развој, отворањето пазари, инвестициите, демократските стандарди и подобриот живот на европските граѓани не се еднакво важни цели?

Русија не смее да биде мерка за европската вредност на Македонија. Нашата европска определба не е резултат на туѓи геополитички интереси, туку на сопственото уверување дека иднината на државата е во демократска, економски развиена и обединета Европа.

Јас сум за европска Македонија, но сум против непочитувањето на европските принципи. Не може да се повикуваме на Европа, а да ги заборавиме нејзините основни вредности кога станува збор за Македонија.

Каде е Балканот во оваа голема европска визија?

Дали Балканот и понатаму ќе остане слепото црево на Европа, географски во нејзиното срце, а политички на нејзината периферија?

Не може Европа да зборува за обединување, а да дозволува Западен Балкан да остане во постојана неизвесност. Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово не се геополитичка периферија.
Тие се дел од европската иднина.

Европската перспектива мора да биде еднаква, без оглед на верската, етничката или културната структура на населението.
Нема европска иднина ако постојат двојни стандарди и ако за едни важат принципите, а за други политичките интереси.

Особено загрижува фактот што билатералните историски и идентитетски спорови со Бугарија станаа толку сериозна пречка за македонската интеграција.
Не може Европската Унија да зборува за добрососедство, а да не покаже доволно политичка волја да спречи билатералните несогласувања да ја преземат улогата на европските критериуми.

Не може од Македонија постојано да се бараат нови отстапки, а притоа да нема сигурност дека тие ќе бидат последни.

Европа не е голема ако бара од еден мал народ да се откаже од себе за да добие место во нејзиното семејство.
Голема е тогаш кога има доволно достоинство, мудрост и демократска зрелост да ги почитува различностите!

Во овој контекст, позицијата на Мицкоски заслужува поддршка.
Не затоа што секој потег на една влада мора да биде безгрешен, туку затоа што принципот што го застапува е прашање од трајно национално значење.

Секако, Македонија мора да продолжи со реформите, со борбата против корупцијата, со независноста на судството, со јакнењето на институциите и со подобрувањето на животниот стандард. Тоа е наша обврска пред граѓаните и пред Европа.

Но, реформите не значат самоодрекување. Европската интеграција не значи бришење на националната посебност. Модернизацијата не значи промена на идентитетот.

Не може политичките интереси на поединци да бидат над националните интереси.
Не може Македонија повторно да биде доведена во ситуација да избира меѓу европската перспектива и сопственото достоинство.

И тука е разликата меѓу политиката на принципи и политиката на отстапки по секоја цена.
Зоран Заев и неговата политичка концепција оставија сериозни последици врз македонската државна политика. Денес, кога Венко Филипче и опозицијата бараат забрзување на уставните измени, должни се да одговорат на едно суштинско прашање: какви гаранции има Македонија дека по ова барање нема да следуваат нови?

Мицкоски има историска можност во Брисел да покаже дека Македонија може да биде конструктивен, одговорен и сериозен партнер, но и држава што знае да ги брани сопствените црвени линии.

Мојата порака до европските челници е јасна:

“Не бараме Европа да направи исклучок за Македонија.
Бараме Европа да престане да прави исклучок од сопствените принципи на штета на Македонија!”

Мојата порака до Христијан Мицкоски е: продолжете со дијалогот, со реформите, со градењето европски сојузништва и со принципиелната одбрана на националните интереси.
Не дозволувајте Македонија повторно да биде ставена пред лажен избор меѓу Европа и сопствениот идентитет.

Зашто Македонија не е создадена за да биде вечен кандидат, вечен предмет на преговори и вечна жртва на туѓи историски и политички комплекси.

Ако мотото на Форумот е „Поширока Европа – посилна Европа“, тогаш нека биде навистина поширока и посилна.

Нека не биде Европа со двојни стандарди. Нека не биде Европа на условувања без крај.
Нека не биде Европа во која малите народи треба да се откажат од сопствената посебност за да бидат прифатени.

“АКО ЕВРОПА САКА ДА БИДЕ ГОЛЕМА, НЕКА БИДЕ ГОЛЕМА И ПО СРЦЕ И ПО ДУША! НЕКА ИМА МЕСТО ЗА СИТЕ НАРОДИ, НО И ПОЧИТ ЗА СЕКОЈ ОД НИВ!”

Македонија сака да биде дел од Европа. Но сака да влезе како Македонија, со своето име, својот македонски јазик, својот идентитет, својата историја и своето достоинство.

Тоа не е пречка за европското обединување.

“ТОА Е ВИСТИНСКИОТ ДЕМОКРАТСКИ ТЕСТ ЗА ГОЛЕМИНАТА НА ЕВРОПА!”

Please follow and like us: