Николоски: Владата стратешки инвестира големи средства за развојот на коридорите 8 и 10, без поврзаност не може да има бизнис

Македонија

Заедничкиот настап на земјите од регионот ќе овозможи нивна поголема конкурентност на европскиот и светскиот пазар, а инвестициите во инфраструктурата значат инвестиции во поврзаноста и во економската соработка – истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. виенски економски форум, кој годинава се одржува со мотото „Заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици“.

– Темата на годинешниот Виенски економски форум е исклучително значајна затоа што регионот и како регион е мал на светскиот пазар, но ако ја гледаме секоја држава посебно, тогаш е премала да се натпреварува на пазарот. Затоа треба да се обидуваме за одредни работи да настапуваме заеднички како регион на ЈИЕ и на европскиот пазар во рамките на соработката со ЕУ, но исто така и на светскиот пазар. И во таа насока, една од основите за развој на оваа соработка секако е поврзаноста затоа што без поврзаност не може да има и бизнис, вели во изјава за МИА вицепремиерот и министер за транспорт Николоски на прашањето колку е важна изградбата на коридорите 8 и 10 за интензивирање на регионалната соработка и геополитичко позиционирање на државата.

И во таа насока тој потенцира дека Владата на Македонија стратешки инвестира големи средства за развојот на двата коридори.

– Ние во моментов градиме шест автопатски делници, ја завршуваме Охрид – Кичево, ја почнавме Кичево – Букојчани, ја градиме Букојчани – Гостивар и Гостивар – Тетово, тоа е на Коридор 8. Понатака, поврзувањето со Косово и со пристаништето Бар во Црна Гора, автопатот Скопје – Блаце кој што скоро го започнавме. Тука е секако и Коридорот 10д, веќе работиме на Битола – Прилеп, така што тоа се шесте автопати кои веќе ги градиме, посочува Николоски.

Паралелно на тоа додава тој, завршени се три експресни патишта.

– Прво е патот кој што оди од Градско до Дреново како дел од Градско – Прилеп. Вториот е од Дреново до Фариш и третиот е Страцин – Крива паланка на Коридорот 8, источното ккрило. Ако на тоа се додаде огромната инвестиција во железницата, дали се работи за проектот Градски воз или за изградбата на источното крило на Коридорот 8, каде што првиот дел од пругата од Куманово до Бељаковце во должина од 34 км беше завршен, вториот дел од Бељаконце до Крива Паланка во должина од 31 км се работи и за третиот дел во должина од околу 24 км од Крива Паланка до влезот на прекуграничниот тунел веќе имаме активен тендер – тогаш јасно е дека имаме многу со што може да се пофалиме, истакна вицепремиерот Николоски.

Воедно, вели, работиме заедно со ЕУ на развој на западното крило на Коридорот 8, прво со еден проект кој што треба да значи реконструкција и рехабилитација на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар, и во втора фаза до Кичево.

– Секако тука е и проектот за брзата пруга на Коридорот 10, од граница со Србија до граница со Грција каде што подготвителните активности се при крај и се надевам дека за брзо време ќе почнеме и да градиме, потенцира Николоски.

Вредноста на развојните проекти што ги реализира Македонија на овие два коридора, кои носат и особен бенефит за регионот е меѓу 5 и 6 милијарди евра, а целта е, како што посочи вицепремиерот на панел-сесијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“, да станеме вистинска крстосница на Балканот, каде ќе се спојува бизнисот и ќе придонесеме за зајакнување на безбедноста.

Една од темите на форумот беше и вештачката интелигенција и новите модерни технологии, за кои, вели, Владата силно работи на нивна примена.

– Со измените на Законот за јавни набавки се воведува и користење на вештачка интелигенција што доста ќе помогне во транспарентноста на јавните набавки и добивањето на најдобрите понуди во тие постапки, вели Николоски.

Имено, со донесените измени на Законот за јавни набавки се предвидува користење дигитални алатки, како и решенија засновани на ВИ за автоматизирано следење и откривање неправилности и ризици во постапките.

Николоски втора година по ред учествува на Виенскиот економски форум, за кој оцени дека е важна економска платформа со повеќе од 20 години традиција, особено за земјите од ЈИЕ, која дава можност за промоција на развојните политики на земјава, воспоставување нови контакти и привлекување потенцијални инвеститори.

На Форумот учествуваа членови на бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, претставници од ЕУ, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции.

Виенскиот економски форум „Виенски дијалог за иднината 2026“ е официјално признат од Европската комисија во рамките на глобалниот настан на „Форумот за проширување на ЕУ 2026“. Форумот кој постои повеќе од 20 години е успешна европска економска платформа за промоција на развојот на регионалната економија од Јадранското до Црното Море и пошироко како составен дел од европската и глобалната економија и се залага за регионална економска соработка, европска интеграција и остварување на заедничките европски вредности во целиот регион. (МИА)

Please follow and like us: