Николоски: Од 1 јануари државата ќе биде единствен организатор на онлајн игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Охрид

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

Според Николоски, со измените на Законот за игрите на среќа се воведуваат построги ограничувања во однос на рекламирањето и локациите каде што можат да се организираат игрите на среќа, како и значително зголемување на давачките за приредувачите.

– Фактичката примена на законските измени почнува од 1 јануари. Од тогаш единствен субјект што ќе може да ги организира онлајн игрите на среќа ќе биде државата преку Државна лотарија, а истото ќе важи и за видеолотариските терминали (ВЛТ), каде што државата ќе биде единствен организатор преку еден субјект – одговори Николовски.

Тој посочи дека по формирањето на актуелната Влада биле укинати лиценците на три компании поврзани со организирање онлајн игри на среќа и платформата „ТуВин“, која била дел од „Казино Австрија“ и системот на ВЛТ терминали.

Николоски нагласи дека за овој случај се водат и судски постапки.

– Во тек е активна судска постапка против Артан Груби, Перпарим Бајрами и останатите обвинети. Очекувам судот во ефикасна постапка да ја заврши оваа работа и одговорните да сносат одговорност за стореното, рече тој. Осврнувајќи се на функционирањето на секторот за игри на среќа, рече Николовски и потенцира дека е неопходна строга државна контрола со цел да се спречи нелегално организирање и концентрација на пазарот.

Воедно, тој повика надлежните институции, вклучително и Обвинителството, Финансиската полиција и Финансиското разузнавање, да ги проверат сите наводи што се појавуваат во јавноста и кои се поврзуваат со работењето во оваа област.

Пратеничката Мојсоска во прашањето обвини дека Владата не го исполнила ветувањето за укинување на платформата „Мегавин“, посочувајќи на, како што рече, спорни договори поврзани со Државна лотарија и бугарската компанија „МДД Софт“.

Please follow and like us: