Пациентите и персоналот се безбедно евакуирани, повредени лица нема, потврдуваат од МВР за Курир по пожарот кој претпладнево избувна на Одделот за ортопедија во ГОБ „8 Септември“.
Настанот во полиција бил пријавен во 10:45 часот, а пожарот е локализиран од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, Синиша Стојаноски, во изјава за КУРИР вели дека пожарот во болницата е предизвикана од човечка неодговорност.
-Ништо сериозно, направена е евакуација веднаш. Од неодговорен човечки фактор (отпушок од цигара) е предизвикана оваа ситуација. Утврдуваме фактичка состојба во моментов, но нема никаков ризик ниту по пациентите, ниту по персоналот, рече тој за КУРИР.
И од Центарот за управување со кризи претходно информираа дека нема опасност од ширење на пожарот кој избувна во ГОБ „8 Септември“.
-Преку Е-112 е добиено известување за пожар на вториот кат во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, по што веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје (БППЗ). Од страна на БППЗ е потврдено дека станува збор за пожар во внатрешна просторија во одделението за ортопедија, кој е локализиран и нема опасност од негово понатамошно ширење, информираат од ЦУК.
Како што претходно објавивме по избувнување на пожарот, персоналот во болницата започнал со итна евакуација на пациентите.
Противпожарните екипи интервенираа на терен.
Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за утврдување на причините за настанувањето на пожарот и за расчистување на случајот.

