Вештачењето како дејност има значајна улога во функционирање на правосудниот систем и остварувањето на правдата. Зад секоја правилно донесена судска одлука стои еден поширок процес на утврдување на фактите, анализа на доказите но и примена на стручни знаења од вештаците, затоа вашата работа има општествена и правна одговорност, се обрати заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на годишната конференција на Комората на вештаци.
“Вие сте навистина еден од оние сегменти во општеството и во државата коишто можеби и не се толку видливи, но многу значат за функционирањето на државата и сакам да Ви оддадам признание и благодарност за сето она што го правите. Вештачењето претставува еден од значајните столбови на правосудниот систем, бидејќи овозможува овие сложени стручни, технички, економски, медицински и други прашања од животот да бидат разјаснети преку знаење, искуство, методологија и најважно професионална објективност. Тука Комората на вештаци има особено значајна улога во уредувањето, унапредувањето и афирмирањето на оваа професија. Нејзиното значење не треба да се гледа само низ институционално организирање, туку пред сѐ низ придонесот во градењето на професионални стандарди, стручност, интегритет и доверба” -се обрати Николоски.

Тој додаде дека во ова време кога општеството и правните односи стануваат сѐ посложени, потребата од стручното и независно вештачење постојано расте.
“Кога народот сѐ повеќе бара да се спроведуваат законите, кога функционалната правна држава и владеењето на правото е нешто за што сѐ почесто се зборува, потребата од квалитетно, независно и стручно вештачење постојано расте. Затоа работата не е само професионална задача, туку и голема општествена и правна одговорност. Секој напишан збор значи, се мери и има свое влијание. Како што кажав, ние како Влада ги вложуваме сите напори кон воспоставување на функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава и тука ја имате целата наша поддршка. Независноста на судската власт треба да се разбира не како изолираност од другите институции, туку како гаранција за едно непристрасно и објективно одлучување” – додаде Николоски.

Тој на Комората им посака успешна работа и но поголема посветеност и унапредување на професијата.

