Обвинителството презема дејствија за итно прибирање докази по пријава за семејно насилство врз 42-годишна жена од Гостивар, која со тешки повреди е примена на КАРИЛ во Скопје. Од ОЈО велат дека лицето е обезбедено, а правната квалификација на делото ќе биде утврдена според доказите.
„Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство, објави 4news.mk Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, наведуваат од Обвинителството.
Според информациите што ги објави „Слободен печат“, жената била нападната од сопругот, по што во тешка состојба била пренесена во Ургентниот хируршки центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, а потоа на интензивна нега на КАРИЛ.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Игор Мерџановски, за „Слободен печат“ потврдил дека пациентката била примена во 18:08 часот со повреди на градниот кош и главата и со податок дека била повредена од сопругот.
По дијагностичките процедури биле констатирани тешки телесни повреди, вклучително и скршеници на четири ребра, од седмото до десеттото, парцијален пневмоторакс и субдурален пласт. Според медиумот, таа била пренесена на КАРИЛ во животозагрозувачка состојба.
Раководителот на Ургентниот хируршки центар, доктор Дејан Здравковски, претходно за истиот медиум изјавил дека нападот се случил ден пред пријавувањето и дека полицијата била известена.
Од МВР, пак, за „Слободен печат“ навеле дека сопругот е сместен во психијатриската болница во Бардовци.
Обвинителството засега не соопштува за кое кривично дело ќе се води постапката, нагласувајќи дека квалификацијата ќе зависи од прибраните докази.

