Пецаков: Максимално посветено се работи на автопатот од Охрид – Кичево, ќе се асфалтира и во зимски услови

Охрид

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево продолжува со засилена динамика, при што градежните работи се одвиваат и во зимски услови, на ниски температури, како и дење и ноќе. Останува утврдениот рок целата делница да биде пуштена во употреба до крајот на 2026 година.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој денеска изврши увид во градежните активности, изјави дека следното лето ќе започне изградбата на автопат од Кичево до Букојчани, додека во меѓувреме трае изградбата на делницата Букојчани-Гостивар. Се очекува за три и пол до четири години да биде обезбедено целосно автопатско решение од Скопје до Охрид.

– „Денес сме тука да промовираме асфалтирање во зимски услови, на ниски температури, и сведоци сте дека се работи и навечер. Направивме голема мобилизација, решивме проблемите со експропријацијата и асфалтирањето. Во моментов имаме мобилизација од околу 300 машини кои работат по целата делница, како и над 600 работници секој ден,“ изјави министерот Николоски.

До почетокот на летната сезона се очекува да биде пуштен во функција делот од автопатот Врбјани-Охрид во должина од 40 километри.

– „Ни останува делот од Кичево до Врбјани, каде што интензивно работиме со министерот за санација и стабилизација на косините, бидејќи тие со години наназад се изложени на атмосферски влијанија,“ потенцираше Коце Трајаноски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, додаде: – „Она што се случува овие денови, како видливата работа под рефлектори и континуирана активност, механизацијата и луѓето на терен, ни дава за право да веруваме дека ветувањето ќе биде наскоро исполнето. Завршувањето на оваа делница, заедно со делот од Букојчани до Гостивар, ќе овозможи одлична поврзаност и брзо пристигнување до Охрид, особено во туристичките месеци.“

Изградбата на автопатската делница Охрид-Кичево, во должина од 57 километри, започна во февруари 2014 година. Почетниот рок за завршување беше четири години.

Please follow and like us: