Колумна на Слободан ТОМИЌ – „Најголемата несреќа за еден народ не е кога ќе биде поразен од другите, туку кога ќе почне да се сомнева во сопственото право да постои“

Македонија Свет

( Цицерон )

Цицерон

Пишува: Слободан ТОМИЌ


Слободан ТОМИЌ

Постои миг во историјата кога една држава престанува да преговара за политики и почнува да преговара за сопственото право на постоење. Македонија денес е токму во таа фаза.
Не станува збор повеќе за европски фондови, за административни поглавја, за технички услови, ниту за бирократски формулации во Брисел.
Станува збор за нешто многу подлабоко и многу поопасно, дали еден древен народ ќе остане исправен или ќе биде претворен во географска фуснота на туѓи дипломатии.

Во момент кога Христијан Мицкоски јавно порача дека Македонија повеќе нема да прифаќа бескрајни понижувања под маската на „европска перспектива“, целата машинерија на домашните политички измеќари и надворешните центри на притисок се активираше со панична жестокост. Зошто?
Затоа што за првпат по долго време, од македонска страна не се слушна јазик на капитулација, туку јазик на државничка граница.
И тука започна вистинската нервоза.
Не во Софија.
Таму одамна не ја кријат агендата.
Не во Брисел.
Таму одамна функционираат по принципот дека малите држави мора да молчат за да добијат маса во европскиот ходник. Паниката избувна кај домашните политички структури кои со години живееја од продавање на секоја македонска црвена линија.
Венко Филипче сега бара референдум. Истите тие политички кругови кои го газеа референдумскиот глас во 2018 година, денес одеднаш се сетиле на „волјата на народот“.

Каков цинизам.
Каква навреда за интелигенцијата на овој народ.
Кога народот јасно кажа дека не прифаќа уцени врзани со идентитетот и името, тогаш народот беше игнориран.
Тогаш „европската иднина“ беше поважна од демократијата.
Тогаш волјата на граѓаните беше прогласена за пречка а денес, кога Македонија конечно поставува граница и одбива ново национално распарчување, истите тие луѓе зборуваат за демократија и референдум.
Но Владата на Христијан Мицкоски експресно го отфрли предлогот на СДСМ и Венко Филипче за референдум, порачувајќи дека нема потреба повторно да се трошат време и пари на граѓаните за политички манипулации без гаранции за европска иднина.

Владата директно потсети како изгледаше претходниот референдум, кога на народот му беа ветувани европски перспективи, а Македонија и по сите отстапки повторно доби нови услови, блокади и понижувања.
Не е тоа демократија. Тоа е политичка измама со ново пакување.
Да бидеме сурово искрени: проблемот никогаш не биле само уставните измени.
Тоа денес веќе јавно го признава и самата Софија.
Румен Радев не крие дека со години работел европските лидери да ја прифатат бугарската агенда како европски консензус.
Тој отворено зборува за тоа дека требало време за да ги „убеди“ лидерите на Европа, а што точно ги убедувал?
Дека македонскиот јазик е вештачка конструкција?
Дека македонската историја мора да биде ревидирана?
Дека македонските револуционери треба да бидат препишани?
Дека еден народ треба да влезе во Европската Унија така што прво ќе се откаже од себе?

Уште поразобличувачки беше моментот кога Румен Радев јавно му се заблагодари на Емануел Макрон, велејќи дека францускиот претседател бил првиот европски лидер што ја „препознал оправданоста“ на идејата барањето за Бугари во Уставот да стане дел од Преговарачката рамка за Македонија. Со тоа Софија практично призна дека бугарската агенда одамна е вградена во европските механизми на притисок кон Македонија.
И тука лежи целиот историски парадокс на оваа трагедија.
На Македонија и се бараат стандарди кои никогаш не биле побарани од никого. Бугарија влезе во Европската Унија со нерешени проблеми со корупција, со длабоки структурни слабости и со политички кризи. Романија исто така. Албанија денес забрзано напредува. Црна Гора одамна е фаворизирана во преговарачкиот процес. Украина, среде војна, добива геополитички приоритет. Молдавија добива политички турбо-пристап.

Само Македонија мора да докажува дека има право на свој јазик, своја историја и свое национално чувство.
По кои Копенхашки критериуми постои услов држава кандидат да преговара за тоа чиј бил Гоце Делчев?
Во кој европски договор пишува дека еден народ мора да добие дозвола од соседот за да си го именува јазикот? Каде во европското право постои член според кој националниот идентитет е предмет на дипломатска трговија?
Никаде.
Затоа македонскиот случај одамна не е само македонски проблем.
Тоа е тест за самата Европа. Или Европската Унија ќе остане заедница на вредности и достоинство, или ќе се претвори во механизам преку кој посилните држави ги прегазуваат помалите со институционална сила.
И токму затоа е важна позицијата на Христијан Мицкоски.
Не затоа што е совршен. Не затоа што Македонија нема свои слабости.
Туку затоа што во момент кога огромен дел од политичката сцена беше подготвен повторно да ја наведне главата, тој избра да каже „доста“, а во историјата, понекогаш токму тој збор е пресуден за опстанокот на еден народ.
Сите што денес врескаат за „изолација“ намерно ја кријат суштината. Македонија не се изолира од Европа. Македонија одбива да биде обезличена за да стане европска.
Тоа е огромна разлика.
И тука доаѓаме до најмрачниот дел од оваа приказна.
Додека Македонија е под дипломатски притисок од Софија, од другата страна се појавуваат и опасни изјави за територијални редефинирања. Албански политички гласови зборуваат за федерации, за поделби, за „албански делови“, за „бугарски делови“.
Замислете само што ќе се случеше доколку македонски политичар во 2026 година говореше за територијално прекројување на соседна држава.
Цела Европа ќе беше на нозе. НАТО ќе издаваше соопштенија.
Брисел ќе зборуваше за национализам и опасност.
Но кога Македонија е мета, тогаш владее молк.
Тој молк е навредлив.
Македонија е полноправна членка на НАТО.
Македонија со години ги исполнуваше барањата на Западот. Македонија менуваше знаме, менуваше име, менуваше устав, менуваше учебници, менуваше институции, менуваше сопствена државна психологија. И што доби за возврат?
Нова уцена.
Ново понижување. Ново „само уште ова“.
Народ што постојано го тераат да се откажува од себе за да биде „прифатен“, на крајот останува без ништо освен бездушна администрација и испразнета држава.
Токму затоа панично звучат нападите врз Мицкоски.
Затоа што за првпат некој од позиција на власт јасно кажува дека Македонија нема бесконечно да плаќа за туѓи геополитички договори, а што нуди Филипче?
Повторно истата матрица од времето на Заев, прво страв, потоа вина, па капитулација претставена како „храброст“.
Тоа е истиот политички модел што тврдеше дека со промената на името ќе се отворат европските порти. Денес, години подоцна, Македонија повторно стои пред нов ултиматум.
И повторно истите луѓе бараат уште едно национално повлекување.
Колку пати треба да се излаже еден народ за конечно да сфати дека проблемот не е во „последниот услов“, туку во бескрајниот апетит на тие што гледаат дека Македонија секогаш попушта?
Историјата е немилосрдна кон народите што доброволно се откажуваат од сопствената суштина. Не затоа што другите се посилни, туку затоа што внатре се создава елита подготвена да тргува со националното достоинство за лична политичка долговечност.
Но Македонија не е создадена од такви луѓе.
Оваа земја преживеала империи, поделби, окупации, забрани и асимилации. Преживеала затоа што секогаш постоела една критична маса Македонци што разбирале дека држава без достоинство е само територија.

Европа е важна.
Но Македонија е поважна.
И токму тука е судирот меѓу две визии.
Едната вели: прифати се, молчи, потпиши, откажи се, само за да добиеш датум и аплауз од европските бирократи.
Другата вели: Европа да, но не по цена на историско самоукинување.
Таа втора визија денес ја брани Македонија.
И затоа ова повеќе не е само политичка дебата.
Ова е борба меѓу народ што сака да остане свој и систем што сака да го претвори во народ без меморија, а народ без меморија е најлесната територија за туѓо управување.
Македонија денес можеби е под огромен притисок.
Но токму во вакви времиња се гледа дали една генерација ќе остане запаметена како генерација што ја сочувала државата, или како генерација што молчела додека ѝ го бришеле името од историјата.

Please follow and like us: