Колумна на Слободан ТОМИЌ – „15 милијарди долари украдени од Македонија — од Кутлеш, преку Преспа, до протоколите: Како политичките елити ја продаваа државата, а народот го лажеа со ‘Европска Иднина’“

Македонија

(Мудрост инспирирана од Петре М. Андреевски: „Кога народот ќе почне да тргува со сопственото име, тогаш веќе не губи само држава — туку и душа.“)

Петре М. Андреевски

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Македонија не беше ограбена преку една ноќ.
Не ја уништи една влада. Не ја распродаде еден човек.
Не ја понижи само еден договор.
Ова што му се случуваше на македонскиот народ повеќе од три децении беше систематски процес на политичко, економско и идентитетско разградување на државата.
И додека народот го делеа со партиски знамиња, лажни идеологии, шарени револуции, транзиции, евроинтеграции и бескрајни „компромиси“, Македонија економски крвареше.
Денес веќе не станува збор за сомнежи.
Според проценките и анализите за нелегални финансиски текови (IFFs), од Македонија во периодот 2001–2025 исчезнале меѓу 13 и 16 милијарди долари.
Да, милијарди народни пари.
Не се тоа пари на партии.
Не се тоа пари на политичари.
Тоа се пари на македонскиот народ, на работникот, на земјоделецот, на пензионерот, на младите што заминаа од државата затоа што тука им беше украдена иднината.

НАЈГОЛЕМАТА КРАЖБА ВО МАКЕДОНИЈА НЕ БЕШЕ САМО ФИНАНСИСКА, ТУКУ НАЦИОНАЛНА

Затоа што паралелно со милијардите што исчезнуваа од Македонија, исчезнуваше и македонската државна самодоверба.
Сè започна уште во деведесеттите.
Тогаш кога на Македонија ѝ беше кажано дека за да преживее, мора да се откаже од сопствените симболи.
Прв на удар беше Кутлеш.
Знамето со шеснаесеткракото сонце не беше само државно знаме.
Тоа беше порака дека Македонија има историска вертикала, континуитет и достоинство.
Но токму тоа им пречеше на оние што сакаа Македонија да биде држава без корен, без меморија и без отпор.
И тогаш започнаа приказните за „модерна држава“, „реалполитика“, „компромиси“ и „европска перспектива“,а народот постепено почна да сфаќа дека секој компромис носи ново понижување.

ПРВО ЗНАМЕТО. ПА ИСТОРИЈАТА. ПА ИМЕТО. ПА ЈАЗИКОТ.

Така се градела психологијата на поразот.
Македонецот требаше да биде убеден дека нема право на сопствен континуитет.
Дека треба да се срами од сопствената историја.
Дека сè што е македонско мора да биде предмет на преговори.
И додека народот се занимаваше со идентитетски битки, зад сцената се создаваа огромни политичко-бизнис мрежи.

КАДЕ ЗАВРШИЈА МАКЕДОНСКИТЕ МИЛИЈАРДИ?

Тоа е прашањето што плаши многумина.
Бидејќи тие пари не исчезнале сами.
Некој ги извлекувал преку фиктивни фактури.
Некој преку офшор шеми.
Некој преку перење пари.
Некој преку тендери. Некој преку криминално-политички врски.
И затоа денес Македонија има парадокс: држава што постојано се задолжува, а од неа истовремено исчезнуваат милијарди.

ПРЕСПА БЕШЕ КРУНА НА ПОЛИТИКАТА НА ПОСТЕПЕНО ОТКАЖУВАЊЕ

Со Преспанскиот договор беше испратена опасна порака: дека во Македонија сè може да стане предмет на политичка трговија.
Името. Историјата. Идентитетот.
Јазикот.
Сè,а потоа дојдоа и новите протоколи, новите условувања и новите притисоци.
Македонија повторно беше ставена на маса како држава што мора постојано да докажува дека има право да постои.

И ДОДЕКА НАРОДОТ СЕ КАРАШЕ, ЕЛИТИТЕ СЕ БОГАТЕА

Тоа е најголемата трагедија.
Македонскиот народ се делеше.
Семејства се расправаа.
Луѓе се мразеа по партии,а во меѓувреме, милијарди долари излегуваа од Македонија.
Пари што требаше да изградат фабрики. Пари што требаше да ги задржат младите. Пари што требаше да создадат силна македонска економија.
Наместо тоа, тие завршуваа во странски банки, офшор компании и криминални канали.

ЗАТОА ДЕНЕС НАРОДОТ НЕ ВЕРУВА ВО ЛАЖЕН МОРАЛ И ЛАЖЕН ПАТРИОТИЗАМ

Не можеш три децении да учествуваш во систем што ја осиромашува Македонија, а денес да продаваш морал и европски вредности.
Не можеш да зборуваш за „иднина“, а народот да гледа како државата му се празни.
Не можеш да бараш нови жртви од народот, а никој никогаш да не одговара за украдените милијарди.

МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ДРЖАВА НА НЕОДГОВОРНОСТ

Затоа денес сè погласно одекнува прашањето:
Кој ќе одговара за 15-те милијарди украдени од Македонија?
Кој ќе одговара за распродажбата?
Кој ќе одговара за политичките пазари? Кој ќе одговара за уништената економија?
Кој ќе одговара за генерациите што си заминаа?
Бидејќи држава што не ги казнува тие што ја ограбиле, полека престанува да биде држава,а народ што ќе молчи додека му ја продаваат татковината, ризикува да остане без иднина.
Македонија предолго молчеше.
Можеби токму затоа денес вистината почнува да боли толку силно.

Please follow and like us: