„КОГА ПРАВДАТА ПОСТОЈАНО СЕ ОДЛОЖУВА, НАРОДОТ ПОЧНУВА ДА СЕ ПРАШУВА ДАЛИ ВООПШТО ПОСТОИ“
(Сенека)

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на Скопје требаше да донесе нов импулс, нова надеж и барем дел од одговорите што македонските граѓани ги чекаат со години.
Наместо тоа, Македонија повторно ја слушна истата порака што ја слуша со децении, исполнете го договореното, а потоа ќе разговараме за следниот чекор.
Токму тука започнува суштинскиот проблем.
Не затоа што Македонија е против Европа.
Не затоа што Македонија не сака реформи.
Не затоа што Македонија не сака добрососедски односи.
Проблемот е што Македонија веќе триесет години слуша дека следниот компромис ќе биде последниот, дека следната отстапка ќе ја отвори европската врата и дека следното исполнето барање конечно ќе донесе заслужен напредок.
Историјата, за жал, покажува нешто друго.
Од промената на знамето, преку Охридскиот рамковен договор, преку кандидатскиот статус во 2005 година, па сè до најтешките политички компромиси во поновата историја, Македонија постојано се движеше напред со уверување дека европската перспектива е реална и достижна.
Но секојпат кога ќе се доближеше до целта, хоризонтот повторно се оддалечуваше.

Затоа денес главното прашање не е дали Македонија сака да биде дел од Европската Унија.
Прашањето е дали Европската Унија останува доследна на сопствените принципи.
Антонио Кошта во Скопје ја пофали Владата за реформите, за владеењето на правото, за јавната администрација и за усогласувањето со надворешната политика на Унијата. Тоа се важни признанија и никој не може да ги игнорира.
Но во истиот момент беше повторена и старата позиција дека уставните измени се единствениот пат за отворање на преговарачките поглавја.
Она што особено ја привлече вниманието на јавноста е фактот што на прашањето дали постојат гаранции дека по евентуалното исполнување на тие услови нема да следуваат нови барања, конкретен и недвосмислен одговор повторно не беше даден.
Токму таму се наоѓа изворот на недовербата.
Не затоа што граѓаните не ја сакаат Европа.
Туку затоа што веќе еднаш, двапати, трипати и повеќепати слушнале ветувања дека со исполнување на одреден услов ќе биде отстранета последната пречка.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски испрати порака која заслужува сериозна анализа.
Тој не побара привилегии.
Не побара прескокнување на процедурите.
Не побара специјален статус.
Побара процес заснован на принципи, заслуги, кредибилитет и предвидливост.
Всушност, тоа е суштината на секој европски систем.
Ако реформите се критериум, тогаш тие мора да бидат критериум за сите.
Ако заслугите се важни, тогаш тие мора да важат еднакво за сите кандидати.
Ако Европската Унија е заедница на правила, тогаш правилата не смеат да се менуваат во текот на играта.
Особено значајни се и пораките што пристигнаа од Словачка.
За време на посетата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова беше повторен ставот дека Македонија неоправдано долго се наоѓа во европската чекална и дека билатералните прашања не смеат да станат критериум за членство.
Тоа е позиција која ја споделуваат сè повеќе европски политичари.
Зашто ако историските расправи, толкувањата на минатото, учебниците, националните чувства и идентитетските прашања станат дел од пристапниот процес, тогаш европската интеграција престанува да биде процес заснован врз критериуми и почнува да се претвора во политички преседан.
Дополнителна тежина на целата дебата му дава и иницијативата пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Вториот протокол од 2022 година.
Без разлика каква ќе биде конечната одлука, самиот факт што ова прашање доаѓа пред највисоката правна инстанца покажува дека дебатата не е завршена и дека постојат сериозни правни и политички дилеми кои бараат институционален одговор.
Во меѓувреме, Европа зборува за нови модели на интеграција, за забрзување на процесите и за геополитичка неопходност од проширувањето.
Кошта тоа го повтори и во Тирана.
Но токму тука се појавува парадоксот.
Ако проширувањето е геополитичка неопходност, тогаш најсилниот аргумент за Европа не се новите говори, туку доследноста.
Македонија е членка на НАТО.
Македонија е фактор на стабилност.
Македонија во континуитет ја усогласува својата надворешна политика со Европската Унија.
Македонија спроведува реформи.
И токму затоа македонските граѓани имаат право да прашаат нешто сосема легитимно:
Дали по сите овие години конечно постои јасен и предвидлив пат, или повторно ќе се отвораат нови услови по исполнувањето на старите?
Најголемата опасност денес не е застојот.
Најголемата опасност е губењето на довербата.
Зашто кога народот почнува да верува дека правилата не важат еднакво за сите, тогаш не се губи само довербата во политиката.
Се губи довербата во самата идеја,а европската идеја отсекогаш била силна токму затоа што ветувала правда, еднаквост и предвидливост.

Затоа вистинското прашање по посетата на Кошта не е дали Македонија е подготвена за Европа.
Прашањето е дали Европа е подготвена да покаже дека Македонија навистина има место во неа.
Зашто народ што повеќе од две децении чека пред вратата има право да праша дали проблемот е во него, или во оние што постојано го преместуваат прагот.


