Колумна на Слободан ТОМИЌ – Реконструкцијата на владата, нова енергија или последна шанса да се исчистат „рѓосаните запчаници?“

Македонија

„Најсилниот владетел не е оној што никогаш не греши, туку оној што има храброст навреме да ги препознае слабите алки и да ги замени со луѓе што ја движат државата напред.“

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Во политиката постои едно непишано правило.
Ниту една влада не останува иста од првиот до последниот ден од својот мандат.
Времето ги открива вистинските вредности, но уште побрзо ги открива слабостите.
Затоа реконструкцијата никогаш не треба да се сфати како признание за пораз. Таа претставува зрелост.
Таа е доказ дека некој има храброст да признае дека секој механизам, колку и да бил добро составен, по извесно време бара сервисирање.
Токму затоа најавената реконструкција на Владата од страна на премиерот Христијан Мицкоски не треба да се анализира само како прераспределба на министерства, туку како тест за политичката зрелост на една нова власт.

Screenshot

Особено затоа што самиот премиер испрати порака дека реконструкцијата носи „нова енергија“.
Тоа е правилна политичка порака.
Но енергијата не ја создаваат функциите.
Ја создаваат луѓето.
Уште пред повеќе од една година, кога Владата штотуку започнуваше со работа, напишав дека една ластовичка не ја носи пролетта.
Не затоа што не верував во програмата.
Не затоа што не верував во премиерот.
Туку затоа што знаев дека ниту еден премиер, колку и да е способен, не може сам да ја изнесе тежината на државата.
Тоа е тимска игра,а таму каде што постои само еден мотор, а останатите се кочници, брзината секогаш се губи.
Во едно од моите изданија на „Гласот на народот“, мојот ценет соговорник, геополитичкиот аналитичар Раби Садреки, го посочи истиот проблем.
Не зборувавме за партии.

Не зборувавме за дневна политика.
Зборувавме за државен менаџмент.
И двајцата дојдовме до ист заклучок: во секоја власт, без разлика која партија ја предводи, со текот на времето се појавуваат луѓе што престануваат да ја следат визијата на лидерот.

Тие стануваат како „рѓосани запчаници“ во часовник.
Часовникот сè уште работи, но не го покажува точно времето.
И колку подолго остануваат тие запчаници, толку повеќе страда целиот механизам.
Токму затоа реконструкцијата не смее да биде само козметичка.
Не смее да биде само размена на фотелји.
Не смее да биде само коалициска математика.
Таа мора да биде прочистување.
Мора да биде јасна порака дека во Владата остануваат само оние што можат да ја следат динамиката што ја поставува премиерот.
Уште на почетокот од својот мандат, Мицкоски даде јавно ветување дека неговата Влада нема да биде заложник на клиентелизмот.
Тоа беше едно од најсилните ветувања.
И токму затоа денес јавноста има право да очекува доследност.
Не затоа што некој сака нечија смена, туку затоа што државата не смее да биде заложник на неефикасност.
Во државата нема место за политички комфор.
Има место само за резултати.
Најголемата грешка што секоја власт ја правела во последните три децении беше тоа што премногу долго ги чувала луѓето што одамна престанале да создаваат вредност.
Некои биле добри политичари, но не биле добри менаџери.
Некои биле добри говорници, но лоши организатори.
Некои биле партиски заслужни, но државата не живее од партиски заслуги.
Државата живее од резултати.
Особено ме радува што премиерот зборува за поголема ефикасност, нова енергија и подобра испорака.
Тоа покажува дека постои свест оти секоја институција мора постојано да се подобрува.
Но токму тука доаѓа најважниот момент: новата енергија не доаѓа автоматски со реконструкција.
Таа доаѓа кога ќе се внесат нови луѓе.
Луѓе што имаат интегритет.
Луѓе што не доаѓаат поради функцијата, туку поради мисијата.
Македонија никогаш немала недостаток од знаење.
Имала недостаток од препознавање на знаењето.
Во оваа држава постојат професори, научници, лекари, инженери, економисти, дипломати,новинари,аналитичари претприемачи и млади експерти кои со години се маргинализирани.
Не затоа што не знаат, туку затоа што никој не ги повикал.
Тие не се гласни, но се способни.
Не се секој ден на телевизија, но секој ден создаваат вредност.
Токму тие луѓе треба да бидат идниот кадровски капитал на Македонија.
Верувам дека професорското искуство на Христијан Мицкоски може да биде предност.

Добриот педагог знае дека не победува оној што ги собира најпослушните ученици, туку оној што ги препознава најталентираните и им дава простор да ја покажат својата вредност.
Тоа е најголемиот предизвик и во политиката.
Особено внимание заслужува и одлуката ресорот за добро владеење да се интегрира во Кабинетот на премиерот.
Ако тоа значи побрза координација, помала бирократија и поголема одговорност, тогаш овој потег ќе се оценува според резултатите, а не според формата.
Истото важи и за прераспределбата на ресорите и за проширувањето на парламентарното мнозинство. Политичката стабилност е важна, но уште поважно е таа да се претвори во подобра работа на институциите.
Интересен сигнал е и изјавата на премиерот дека по подолго време има повеќе барања за повторно стекнување македонско државјанство отколку барања за откажување од него. Ако овој тренд продолжи, тоа би можело да биде показател за обновена доверба кај дел од иселениците. Но довербата не се одржува со пораки, туку со доследни политики, силни институции и чувство дека државата навистина се менува.
Политиката е сурова.
Не простува сентименталност.
Ниту пријателства.
Ниту стари заслуги.
Само резултати.
Затоа секој премиер што сака да остави историски белег мора навреме да ги менува слабите алки.
Не затоа што се лоши луѓе, туку затоа што државата нема време да чека.

РЕЗИМЕ:

Реконструкцијата на Владата не треба да биде запаметена по тоа кој заминал и кој дошол.
Таа треба да биде запаметена по тоа дали ќе донесе подобри институции, побрзи реформи и поквалитетен живот за граѓаните.
Доколку оваа реконструкција значи расчистување со инертноста, отворање простор за нови, чесни и способни луѓе и доследно исполнување на ветувањето дека нема место за клиентелизам, тогаш таа ќе биде повеќе од кадровска промена – ќе биде нов почеток.
На крајот, успехот на една влада никогаш не се мери според бројот на министри, туку според бројот на исполнети ветувања. Историјата не ги памети реконструкциите. Историјата ги памети резултатите.

Please follow and like us: