Колумна на Слободан ТОМИЌ – Рокас го потврди напредокот, Мицкоски побара принципи, а каде завршуваат Европските ветувања?

Македонија Свет

ПОРТРЕТИ НА МОЌТА

ЕВРОПА БАРА РЕФОРМИ, МАКЕДОНИЈА БАРА ПРАВИЧНОСТ, КОМПРОМИСОТ НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ СИНОНИМ ЗА ЕДНОСТРАНО ОТСТАПУВАЊЕ!

Пишува: : м-р Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Вчешната заедничка прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, по врачувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, отвори многу повеќе прашања отколку што може да се прочитаат во дипломатски формулираните оценки на Брисел.

Ова не беше само уште една средба на македонскиот државен врв со претставник на европската дипломатија.
Ова беше момент во кој повторно се судрија две суштински политички реалности: македонската потреба за вреднување на постигнатите резултати и европската политика на условување што со години го држи нашиот пристапен процес во неизвесност.

Затоа, централното прашање не е само колкав напредок бележи Македонија, туку и дали Европската Унија има доволно политичка волја сопствените принципи да ги примени доследно, предвидливо и еднакво кон сите држави.

Премиерот Христијан Мицкоски испрати порака дека Македонија останува посветена на европскиот пат, дека ќе продолжи со реформите, ќе ги зајакнува институциите, ќе ја подобрува економијата, ќе се бори против корупцијата и ќе го усогласува законодавството со европските стандарди.

Но, суштината на неговото обраќање беше во барањето резултатите да се вреднуваат според принципи, а не според политички калкулации.

Тоа е позиција што заслужува сериозно внимание.

Македонија не бара ослободување од европските обврски. Не бара привилегии, ниту бара европските институции да ги премолчат домашните слабости. Бара нешто што би требало да биде основа на секој кредибилен европски процес: исполнетите обврски да бидат признаени, резултатите да бидат вреднувани, а критериумите да не се менуваат во зависност од политичките околности.

Тука е суштината на денешната порака на Мицкоски.

“Македонија не бара Европа да ги намали критериумите. Бара Европа да не ги менува принципите.”

РОКАС ПОТВРДИ НАПРЕДОК, НО НЕ ГИ ПРЕПРАВИ СЛАБОСТИТЕ ВО УСПЕСИ

Амбасадорот Михалис Рокас посочи дека во споредба со претходниот извештај има подобрувања во повеќе области, особено во образованието, науката, истражувањето, дигиталната трансформација и усогласувањето со надворешната политика на Европската Унија.

Тој ги поздрави преземените чекори во областа на владеењето на правото и усвојувањето одредени законски решенија, но истовремено потсети дека се потребни дополнителни резултати.

Тука мора да бидеме прецизни и објективни.

Извештајот не е ниту целосно позитивен ниту целосно негативен.
Тој бележи напредок во одредени области, но и сериозни слабости што не можат да се премолчат.

Особено загрижува констатацијата дека нема напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, која и натаму е широко распространета.
Се посочуваат и проблемите со владеењето на правото, независноста на правосудството и одолговлекувањето на постапките во предметите за корупција на високо ниво.

Овие забелешки не смеат да бидат предмет на политичко релативизирање.

Не може секоја критика од Брисел да се прогласува за неправедна, исто како што не може секоја позитивна оценка да се претвори во политичка победа.

Државата мора да ги спроведува реформите пред сè поради сопствените граѓани. Независното судство, професионалната администрација, ефикасните институции и бескомпромисната борба против корупцијата не се европски подарок. Тие се предуслови за нормално функционирање на државата.

Но, токму тука се отвора и едно суштинско прашање.

Ако Европската комисија препознава подобрувања во реформските области, ако констатира напредок во усогласувањето со европското законодавство и ако ја подобрува оценката за подготвеноста на државата, зошто политичкиот процес и натаму останува заробен во блокада?

Реформите и политичките условувања се две различни прашања. Тие не смеат да се мешаат до степен во кој напредокот на една држава станува речиси невидлив зад билатералните политички спорови.

Рокас го потврди напредокот. Но потврдата на напредокот не е исто што и деблокирање на европскиот пат,а токму таа разлика е најголемиот проблем.

МАРТА КОС, ПРИЗНАТА ПОДГОТВЕНОСТ, НО ПОВТОРНО ИСТИОТ ПОЛИТИЧКИ УСЛОВ

Само еден ден пред денешната прес-конференција, еврокомесарката за проширување Марта Кос, при претставувањето на Пакетот за проширување за 2026 година, соопшти дека Македонија ја подобрила својата подготвеност за членство и дека е меѓу кандидатските држави со високо ниво на усогласеност со европското законодавство.

Истовремено, таа повтори дека за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер се неопходни уставните измени договорени во 2022 година.

Не треба да измислуваме противречност меѓу Марта Кос и Михалис Рокас.
Тие зборуваат за различни димензии на истиот процес.

Рокас ги посочува реформските резултати, додека Кос го нагласува политичкиот услов за продолжување на преговорите.

Но токму во таа разлика се наоѓа суштината на македонската европска дилема.

Европската Унија може да констатира дека Македонија напредува во усогласувањето со европското законодавство, дека ги спроведува реформските обврски и дека ја подобрува својата подготвеност за членство, а истовремено да го држи пристапниот процес блокиран поради уставните измени.

Тоа е политичката реалност.

Но државата има право да постави легитимно прашање: какви конкретни гаранции постојат дека исполнувањето на овој услов ќе значи вистинско и непречено придвижување на преговорите?

Дали станува збор за последната политичка пречка или повторно ќе се отвори простор за нови барања, толкувања и дополнителни условувања?

Ова не е прашање на недоверба кон Европа, туку прашање на политичка предвидливост.

Довербата не може да биде еднонасочна обврска. Ако од Македонија се очекува да презема тешки политички одлуки, тогаш и европската страна мора да покаже дека дадените уверувања имаат институционална и политичка тежина.

Не може европската перспектива постојано да се претставува како блиска, а нејзиното остварување да се оддалечува секогаш кога Македонија ќе се приближи до следната политичка пречка.

“Европската перспектива мора да биде процес со јасни правила, а не хоризонт што постојано се поместува.”

ШЕКЕРИНСКА И ФИЛОЗОФИЈАТА НА КОМПРОМИСОТ, КОЈ ТРЕБА ДА ПОПУШТИ?

Особено внимание заслужува и интервјуто на Радмила Шекеринска, во кое таа порача дека Македонија мора да понуди решенија и да постигне домашен политички консензус, бидејќи ниту Брисел, ниту Вашингтон, ниту Берлин нема да го решат нашиот проблем наместо нас.

Шекеринска, која ја извршува функцијата заменик-генерален секретар на НАТО, има право да повикува на политичка одговорност, дијалог и државнички пристап.

Но токму нејзината висока меѓународна функција ја прави нејзината јавна порака особено значајна и подложна на сериозна политичка анализа.

Се согласувам дека Македонија мора да има домашен политички консензус за најважните државни прашања.
Се согласувам и дека ниту една странска престолнина не може да ја замени одговорноста на домашните политички субјекти.

Но, прашањето е многу посуштинско: каков консензус се бара, околу кои услови и со какви гаранции за државата?

Кога се повикува на компромис, мора да се каже и кој треба да направи компромис, во што и до каде се границите на отстапувањето.

Компромисот не може да биде трајна обврска само за едната страна, додека другата ги задржува сите свои позиции и барања.

Не може секогаш Македонија да биде страната што треба да ја докажува својата подготвеност за ново отстапување, додека прашањето за взаемноста останува на маргините на дипломатската агенда.

Особено е важно да не се заборави дека Македонија и Бугарија се сојузнички држави во НАТО.
Но членството во Алијансата не значи дека НАТО треба да ги води преговорите за членство во Европската Унија. Тоа се две различни институционални рамки.

Сепак, сојузништвото подразбира одговорност за градење добрососедски односи, почитување на договорите и воздржување од политики што ја поткопуваат довербата.

Во таа смисла, легитимно е да се праша: зошто јавната порака за компромис толку силно се насочува кон Македонија, а недостига подеднакво јасен повик за взаемност, добра волја и одговорност од бугарската страна?

Европската комисија и самата укажува дека постојните билатерални договори со соседите треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.

Тоа е важна формулација.

“Одговорноста не може да биде еднонасочна, исто како што добрососедството не може да биде еднострана обврска.”

Не може европскиот принцип на добрососедство да се претвори во механизам во кој едната држава постојано докажува подготвеност за отстапки, а другата не е подложена на еднакво јасно очекување за взаемност.

Уште помалку може секое отстапување да се прогласува за државничка мудрост, а секое барање за заштита на националното достоинство за политичка тврдоглавост.

Компромисот е цивилизациска и политичка алатка за надминување на разликите.
Но кога компромисот се претвора во трајно барање само едната страна да се откажува од своите позиции, тогаш веќе не зборуваме за рамноправен договор.

Зборуваме за асиметричен политички однос.

Во оваа политичка расправа мора да се отвори и прашањето за ставовите на опозициското раководство, особено на Венко Филипче, кое ја поддржува потребата од уставни измени и бара политичко придвижување на процесот.

Но кога се предлага таков чекор, јавноста има право да добие јасен одговор: кои се гаранциите, што точно следува по него и како ќе се спречи повторување на истата неизвесност?

Не е доволно да се повикува на брзина. Државните одлуки не се трка во која победува оној што прв ќе отстапи.

Тие се обврска кон сегашните и идните генерации.

Затоа, домашниот политички консензус не треба да се гради врз притисокот дека Македонија мора да прифати сè за да не остане надвор од Европа.

Треба да се гради врз јасна претстава за државниот интерес, врз демократски легитимитет, врз гаранции и врз еднакво почитување на преземените обврски.

ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПРЕД СОПСТВЕНИОТ ТЕСТ, ДВОЈНИТЕ АРШИНИ ЈА ПОТКОПУВААТ ДОВЕРБАТА

Оваа македонска приказна има и поширока европска димензија.

Европската Унија не е само економски сојуз или административна структура.
Таа е политичка заедница што својата сила ја темели врз вредности, правила, правна сигурност и почитување на националниот и демократскиот суверенитет на своите членки.

Но токму затоа од Брисел мора да се бара доследност.

Ако европските институции бараат од кандидатските држави владеење на правото, предвидливост, почитување на договорите и институционална одговорност, тогаш тие принципи мора да бидат препознатливи и во нивното сопствено постапување.

Не може европските критериуми да бидат строги кога се оценуваат реформите во Македонија, а политичките односи да станат поважни од принципите кога се решава судбината на пристапниот процес.

Не може проширувањето да се претставува како стратешки интерес на Европската Унија, а во практиката да се дозволи неговото темпо да зависи од долготрајни билатерални спорови без доволно јасен механизам за надминување.

Тоа не е само македонски проблем.

Тоа е тест за кредибилитетот на европската политика на проширување.

Доколку европската перспектива на државите од Западен Балкан се сведе на политички преговори во кои правилата можат да бидат предмет на дополнителни толкувања, тогаш Европската Унија ризикува да ја изгуби довербата токму кај оние општества што најдолго ја гледаат како своја стратешка цел.

Ако Европа сака да биде геополитички актер, мора да покаже дека има политичка волја да ги реализира сопствените стратешки определби.

Не е доволно да се испраќаат охрабрувачки пораки. Потребни се конкретни резултати.

Не е доволно да се зборува за европско семејство.
Потребно е да се покаже дека правилата на тоа семејство важат за сите.

МАКЕДОНИЈА МОРА ДА СЕ РЕФОРМИРА, НО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД СВОЈОТ ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС

Од вчерашната прес-конференција треба да се извлече една суштинска поука.

Македонија не смее да ги користи политичките блокади како оправдување за сопствените институционални слабости.

Борбата против корупцијата, независноста на судството, професионалната администрација и владеењето на правото не се европски услуги што треба да ги исполнуваме за да добиеме пофалба од Брисел.

Тоа се основни обврски на секоја функционална држава кон сопствените граѓани.

Владата мора да ги испорача ветените реформи. Институциите мора да покажат резултати. Одговорноста мора да важи за сите, без политички, економски или партиски привилегии.

Но истовремено, европската перспектива не смее да се претвори во бескраен процес на политички условувања во кој резултатите се признаваат декларативно, а напредокот постојано се одложува.

Премиерот Мицкоски денеска правилно ја отвори темата за вреднување на резултатите според принципи.
Тоа не треба да биде само политичка порака за една прес-конференција, туку доследна државна позиција.

Македонија мора да биде реформски упорна, дипломатски активна и политички принципиелна.

Мора да ги исполнува обврските, но и да бара јасни гаранции дека исполнувањето на тие обврски ќе биде проследено со конкретно придвижување на европскиот процес.

Нејзиниот државен интерес не смее да биде предмет на дневнополитичко надмудрување, ниту националното достоинство да се третира како пречка за европска интеграција.

Европската Унија, ако сака да ја зачува својата привлечност и кредибилитет во регионот, мора да покаже дека нејзините правила се засноваат врз предвидливост, правичност и еднакво почитување на обврските.

Токму затоа, вчерашната прес-конференција не треба да се чита ниту како дипломатска победа, ниту како пораз.

Таа е момент во кој се потврдува дека реформскиот напредок е возможен, но и дека политичката блокада сè уште стои.

Рокас ја препознава реформската димензија. Кос го повторува политичкиот услов. Шекеринска повикува на домашен консензус. Опозицијата бара придвижување на процесот.

Но, над сите овие пораки стои едно прашање што не може да се избегне:

“Кој ќе преземе одговорност за тоа европските ветувања конечно да се претворат во предвидлив и правичен политички процес?”

Македонија има обврска да се менува. Но Европа има обврска да покаже дека нејзините вредности не се само декларативни формулации во извештаи и дипломатски говори.

Македонија има право на европска перспектива.
Но има и обврска таа перспектива да ја гради врз сопствена институционална сила, демократска зрелост и национално достоинство.

Не бараме Европа да прави отстапки наместо нас.
Бараме да не се бара од нас да ги правиме сите отстапки сами.

На крајот, членството во Европската Унија не смее да биде цел што ја оправдува секоја цена.
Тоа мора да биде стратешки избор што ќе донесе подобар живот, посилни институции, правна сигурност и поголема благосостојба за македонските граѓани.

Зашто државата не постои за да ги задоволува туѓите политички очекувања.
Таа постои за да ги штити своите граѓани, нивните права, нивната слобода и нивната иднина.

Европскиот пат е наш стратешки избор.
Но државниот интерес е наша трајна одговорност.

СВЕТСКА МУДРОСТ

„Salus populi suprema lex esto.“

„Благосостојбата на народот нека биде највисок закон.“

Марко Тулиј Цицерон, римски државник, беседник и филозоф.

Оваа мисла не е повик за изолација, туку потсетување дека секоја политичка одлука, секој договор и секој компромис мора да се мерат според последиците што ги оставаат врз државата и нејзините граѓани.

ФИНАЛЕ:

“МАКЕДОНИЈА НЕ БАРА ЕВРОПА ДА ЈА ОСЛОБОДИ ОД ОБВРСКИТЕ. БАРА ЕВРОПА ДА НЕ СЕ ОСЛОБОДУВА СЕБЕСИ ОД ОБВРСКАТА ДА БИДЕ ПРАВИЧНА!”

МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ОДИ КОН ЕВРОПА, НО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД СЕБЕСИ ЗА ДА ДОКАЖЕ ДЕКА Ѝ ПРИПАЃА.

м-р Слободан ТОМИЌ

(Аналитичар и публицист, автор на политичкиот ТВ-магазин „Гласот на народот“.)

Please follow and like us: